Еремија 50:4-10 MKB

4 Во тие денови и во тоа време - говори Господ - ќе се вратат Израелевите синови, и Јудините синови заедно ќе одат плачејќи и барајќи Го Бога, својот Бог.

5 Ќе прашаат за патот кон Сион, натаму ќе го насочуваат погледот: ‘Дојдете, да се соединиме со Господа со вечен Завет незаборавлив!’

6 Мојот народ беше како изгубени овци, пастирите ги заведоа, та заскитаа по ридовите: одеа од горите на ритчињата, заборавија каде им се кошарите.

7 Кој ги наоѓа, ги голтнува, нивните непријатели зборуваа: ‘Ние не сме виновни, зашто Му згрешија на Господа, на пасиштето на правдата, на Господа, на надежта на своите татковци!’

8 Бегајте од Вавилон! Излезете од Халдејската Земја! Бидете како овни пред стадото.

9 Зашто, еве, ќе дигнам и ќе доведам против Вавилон мноштво големи народи; од Северната Земја ќе се наредат против него - оттаму ќе биде освоен. Стрелите им се како кај искусен јунак, празни не се враќаат.

10 Халдеја ќе биде ограбена, ќе ја пљачкаат неа до наситка - говори Господ.