Еремија 50:40-46 MKB

40 Ќе го разурнат како што Бог ги разори Содом и Гомор и нивните соседи - говори Господ. Човек не ќе живее таму, човечкиот син не ќе престојува во него.

41 Еве доаѓа народ од Север, голем народ, и многу цареви, и се подигаат од краиштата на земјата.

42 Во рацете им се лак и копје, жестоки се, немилостиви. Вревата им шуми како море, јаваат на коњи, како еден готови за бој против тебе, вавилонска ќерко.

43 Вавилонскиот цар чу вест за нив: и рацете му ослабнаа, го опфати мака, го фатија болки како родилка.

44 Ете, како лав тој излегува од јорданските шумки на вечно зелени пасишта. Ама Јас ќе го истерам за миг и ќе го сместам таму својот избраник. Зашто, кој Ми е Мене рамен? И кој ќе Ме повика Мене на сметка? И кој пастир ќе Ми одолее?”

45 Затоа, чујте што науми Господ да му направи на Вавилон, чујте што смислил против Халдејската Земја: Тој ќе ги одвлече и најситните јагниња; и самото нивно пасиште ќе се згрози над нив.

46 На гласот дека Вавилон падна земјата ќе се стресе: ќе се слуша пискот меѓу народите.