Еремија 6:4-10 MKB

4 „Со неа зафатете свет бој! На нозе! Да нападнеме среде денот! Тешко ни, зашто денот навалува кон запад, а вечерните сенки се издолжуваат!

5 На нозе! Да нападнеме среде ноќта, да ги разурнеме нејзините дворови!”

6 Зашто Господ над Војските зборува вака: „Пресечете ги нејзините дрва, издигнете насип околу Ерусалим, тоа е град што е посетен, во него е сè само насилство.

7 Како што од кладенецот извира вода, така од него извира злото. Во него се слушаат само насилства и грабителство, пред Мене се секогаш болести и рани.

8 Поправи се, Ерусалиме, за да не Ми се одврати душата од тебе, за да не те претворам во пустина, во ненаселена земја.”

9 Господ над Воинствата зборува вака: „Доприбирај, доприбирај како лоза Израелев Остаток! Како берачите испружи ја раката меѓу прачките!

10 Кому треба да му зборувам, кого да го опоменам да ме послушаат? Ете, увото им е необрезано затоа не можат да чујат. Ете, Господовиот збор им стана потсмев, не им е мил.