Еремија 8:10-16 MKB

10 Затоа ќе им ги дадам нивните жени на странците, а нивните полиња на освојувачите. Зашто од најмалиот до најголемиот сите лакомат за плен, од пророкот до свештеникот сите се измамници.

11 И лесно ја лечат раната на Моите ќерки, викајќи: ‘Мир! Мир!’ Но нема мир.

12 Нека се засрамат дека направија гнасост, но тие веќе не знаат што е срам, не знаат веќе да зацрвенеат. Затоа ќе испаѓаат со оние што паѓаат, ќе се срушат кога ќе почнам да казнувам - зборува Господ.

13 Сакав на берба кај нив - Господово слово е - а тоа ни грозд на прачката, ни смоква на смоквата; дури и лисјата овенаа. Затоа ги предадов на оние што поминуваат покрај нив.”‘“

14 „Зошто чекаме уште? На собир! Да се вовлечеме во тврдите градови, за да изгинеме таму, зашто Господ, нашиот Бог, нè сотира, нè напојува со горчлива вода, зашто згрешивме против Господа.

15 Се надевавме на мир, но нема добро, чекавме време за оздравување, но ете го ужасот!

16 Од Дан достигнува цвилењето на неговите коњи, од ‘ржењето на неговите нескопени коњи трепери сета земја. Доаѓаат да ја голтнат земјата и сè што ја исполнува, градот и жителите во него.”