Еремија 8:4-10 MKB

4 Речи им вака: ‘Господ зборува вака: „Ако падне некој, нема ли да стане пак? Ако заскита некој, нема ли да се врати пак?

5 Тогаш зошто ерусалимскиот народ скита упорно и непрекратно? Цврсто се држат за лагата, не сакаат да се обратат.

6 Внимавав и прислушкував: не зборуваат како што треба. Никој не се кае заради своето зло, и не вели: „Што сторив?” Секој се завртува по својот пат, како коњ што трча во бој.

7 Па и штркот под небото го знае своето време, грлицата, ластовичката и жеравот го пазат времето кога треба да се вратат. А Мојот народ не го познава Господовиот суд!

8 Како можете да тврдите: ‘Ние сме мудри, во нас е Господовиот Закон!’ Навистина, во лага го претвори лажната писалка на писарот!

9 Мудреците ќе бидат засрамени, исплашени и фатени во примка. Ете, тие го презреа Господовото слово! А нивната мудрост - што им ползува?

10 Затоа ќе им ги дадам нивните жени на странците, а нивните полиња на освојувачите. Зашто од најмалиот до најголемиот сите лакомат за плен, од пророкот до свештеникот сите се измамници.