Еремија 8:6-12 MKB

6 Внимавав и прислушкував: не зборуваат како што треба. Никој не се кае заради своето зло, и не вели: „Што сторив?” Секој се завртува по својот пат, како коњ што трча во бој.

7 Па и штркот под небото го знае своето време, грлицата, ластовичката и жеравот го пазат времето кога треба да се вратат. А Мојот народ не го познава Господовиот суд!

8 Како можете да тврдите: ‘Ние сме мудри, во нас е Господовиот Закон!’ Навистина, во лага го претвори лажната писалка на писарот!

9 Мудреците ќе бидат засрамени, исплашени и фатени во примка. Ете, тие го презреа Господовото слово! А нивната мудрост - што им ползува?

10 Затоа ќе им ги дадам нивните жени на странците, а нивните полиња на освојувачите. Зашто од најмалиот до најголемиот сите лакомат за плен, од пророкот до свештеникот сите се измамници.

11 И лесно ја лечат раната на Моите ќерки, викајќи: ‘Мир! Мир!’ Но нема мир.

12 Нека се засрамат дека направија гнасост, но тие веќе не знаат што е срам, не знаат веќе да зацрвенеат. Затоа ќе испаѓаат со оние што паѓаат, ќе се срушат кога ќе почнам да казнувам - зборува Господ.