Еремија 9:20-26 MKB

20 И затоа, о жени, чујте го Господовото слово, и нека вашето уво го прими зборот од Неговата уста. Учете ги своите ќерки да тажат, да ридаат една за друга:

21 Смртта влезе скришум низ нашите прозорци, влезе во нашите дворови, ги покоси децата среде улицата, младите среде раскрсниците.

22 Зборувај, вака вели Господ: „И мртвите тела ќе лежат како гној по ораниците, како снопје зад жетварите, а ќе нема никој да ги собере.”

23 Господ зборува вака: „Мудрите нека не се фалат со мудроста, ни јунакот нека не се фали со смелоста, ни богатиот нека не се фали со богатството.

24 А кој сака да се фали, нека се фали со тоа што има мудрост за да Ме сознае Мене. Зашто Јас Сум Господ Кој ги твори милостта, судот и правдата на земјата, зашто тоа Ми е мило,” зборува Господ.

25 „Еве, наближуваат денови - зборува Господ - ќе ги казнам сите кои се обрежани заедно со необрежаните:

26 Египет, Јудеја, Едом, Амоновите синови и Моав, и сите оние што ги бричат крајните коси и кои престојуваат во пустината. Зашто сите тие народи се необрежани, и сиот Израелев дом е со необрежано срце.”