Езекиел 10 MKB

1 Погледнав и ете, на сводот над главите на херувите се појави нешто како каменот сафир, како нешто слично на престол.

2 И му прозбори на човекот облечен во ленено: „Влези меѓу колцата под херувите, земи полн грст жар меѓу херувите и истури ја над градот!” - И тој пред моите очи влезе меѓу херувите.

3 А херувите стоеја од десната страна на Домот кога човекот влезе меѓу нив. И облакот го исполни сиот внатрешен двор.

4 А Славата Господова се крена од херувите кон прагот на Домот. Домот се исполни со облакот, а светлината на Господовата Слава го исполни дворот.

5 Шумот на херувските крила се слушаше сè до надворешниот двор, како гласот на Сèсилниот Бог, кога Тој зборува.

6 А кога тој му заповеда на човекот облечен во ленено: „Земи оган меѓу колцата што се под херувите”, човекот влезе и застана покрај тркалата.

7 Едниот херув ја протегна раката кон огнот, што беше меѓу херувите, го зеде и го стави во рацете на човекот облечен во ленена облека. Тој го прими и излезе.

8 А под херувските крила се покажа нешто како човечка рака.

9 Погледнав и ете: покрај херувите четири колца, по едно покрај секого. А тркалата беа слични на каменот хрисолит;

10 сите четири со исти облик и како едното тркало да е во другото.

11 При движењето можеа да одат во сите четири насоки, сè без завртување. Каде што ќе се насочеше главата, натаму би тргнале а да не требаа, движејќи се, да се вртат.

12 Целото тело на херувите - плеќите, рацете, крилата и сите четири нивни колца - сè им беше насекаде наоколу полно со очи.

13 А колцата, колку што чув, се викаа „Виор”.

14 Секој имаше по четири лица: лицето на првиот херувско, лицето на вториот човечко, а во третиот лице лавско, во четвртиот орелско.

15 Тогаш херувите се подигнаа во височините, тоа беше истото суштество што го видов покрај реката Хевара.

16 Кога херувите ќе тргнеа, ќе тргнеа и тркалата покрај нив, кога херувите ќе замавтаа со крилата за да се подигнат од земјата, колцата не се отстрануваа од нив.

17 Кога ќе застанеа, и тркалата се креваа, зашто духот на суштествата беше во нив.

18 Тогаш Господовата Слава се крена од прагот на Домот и застана над херувите.

19 Тогаш херувите ги раширија крилата и се поткренаа од земјата пред моите очи. А кога тие тргнаа, и колцата тргнаа по нив. И застанаа над источната врата на Господовиот Дом, а Славата на Израелевиот Бог беше над нив.

20 Тоа беа истите суштества што ги видов во подножјето на Израелевиот Бог покрај реката Хевара. И така сознав дека тоа беа херуви.

21 Во секого по четири лица и по четири крила, а под крилата нешто како човечка рака.

22 Лицата им беа како оние што ги видов при реката Хевара. И секој се движеше напред.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48