1 Во дваесет и петтата година на нашето ропство, во почетокот на годината, во првиот месец, во десеттиот ден, а во четиринаесеттата година откако падна градот, токму во оној ден, Господовата рака се спушти на мене.
2 И ме одведе во божествен привид во Израелевата Земја, та ме постави на многу висока гора. На неа, од јужната страна, беше нешто како соѕидан град.
3 Ме поведе натаму, и ете, човек блескав како бронза, стоеше на вратата, со ленено јаже и со мерачка трска во раката.
4 И тој човек ми рече: „Човечки сине, гледај со своите очи и слушај со своите уши, запомни сè што ќе ти покажам, зашто си доведен тука за да ти покажам. Извести му на Израелевиот дом сè што ќе видиш тука.”
5 И ете, здание сето наоколу препашано со ѕид. Човекот држеше во раката мерачка трска од шест лакти, а секој лакот беше подолг од една дланка од обичниот лакот. Тој го измери зданието. Широчина: една трска, височина: една трска.
6 Потоа отиде кон вратата што беше свртена кон исток. Се искачи по скалите и го измери прагот на вратата. Широчина: една трска.
7 А секоја соба долга една трска и широка една трска. Меѓу собите: пет лакти. Прагот на вратата од страната на нивниот трем, одвнатре една трска.
8 Го измери тремот на вратата одвнатре: беше широк осум лакти;
9 а неговите полустолбови два лакти. Тремот на вратата беше од внатрешната страна.
10 На секоја страна на источната врата беа по три соби. И сите три беа со иста мерка. Така и полустолбовите: од двете страни беа со иста мерка.
11 Потоа ја измери вратата: беше широка десет лакти и висока тринаесет лакти.
12 Пред собите имаше ограда од еден лакот од едната и од другата страна. Секоја соба шест лакти од едната, и шест лакти од другата страна.
13 А потоа ја измери вратата од задната страна на спротивната соба, во широчина: беше дваесет и пет лакти, врата спроти врата.
14 Го измери и тремот: дваесет лакти. Дворот беше сè околу тремот на вратата.
15 Од влезната страна на вратата до спротивната страна на нивниот трем беа педесет лакти.
16 На собите и на нивните довратници, од внатрешната страна сè наоколу, а исто така и во тремот, имаше прозорци со решетки. Таквите прозорци беа одвнатре сè наоколу, а на полустолбовите, палми.
17 Потоа ме одведе во надворешниот двор на Домот. И ете, сè околу дворот простории и плочник. Триесет простории врз плочник.
18 Подот беше од секоја страна на вратата и му одговараше на рамништето на вратата. Тоа е долниот под.
19 Тој ја измери широчината на дворот од долната врата до внатрешниот двор, од надворешната страна: сто лакти на исток и на север.
20 И ги измери широчината и должината на северната врата на надворешниот двор.
21 А таа имаше по три соби од секоја страна, а нивните столбови и тремови со исти мерки како кај првата врата: во должина педесет лакти и во широчина дваесет и пет лакти.
22 Нивните прозорци, тремови и палми беа со исти мерки како на источната врата, а на нивниот приод седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна.
23 Внатрешниот двор имаше врата што беше спроти северната врата како и источната. Тој измери: меѓу едната и другата врата имаше сто лакти.
24 Потоа ме одведе кон југ, и ете: таму врата. Ги измери таму собите, полустолбовите и тремовите: беа со иста мерка.
25 Таа и нејзините тремови имаа сè наоколу прозорци што беа како и оние првите. Должината и тука изнесуваше педесет лакти, а широчината дваесет и пет.
26 Кон вратите водеа седум басамаци; тремот им беше од внатрешната страна, а на столбовите имаа по една палма од секоја страна.
27 Внатрешниот двор имаше една врата и од јужната страна. Тој измери: од таа врата до јужната врата - сто лакти.
28 Потоа ме воведе низ јужната врата во внатрешниот двор. И ја измери јужната врата: беше со исти мерки.
29 Собите, столбовите и тремовите беа со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Тука беа педесет лакти во должина дваесет и пет лакти во широчина.
30 А сè наоколу тремови: долги дваесет и пет лакти, а широки пет лакти.
31 Тремовите се тегнеа кон надворешниот двор. На нивните полустолбови палми, а пристапот кон нив имаше осум басамаци.
32 Потоа ме поведе кон источната врата на внатрешниот двор. И ја измери вратата: беа со исти мерки.
33 Нивните соби, полустолбови и тремови беа исто така со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Во должина беа педесет лакти, а во широчина дваесет и пет.
34 Нивниот трем беше кон надворешниот двор. На нивните полустолбови од оваа и од онаа страна имаше палми. Пристапот кон нив имаше осум басамаци.
35 Потоа ме одведе кон северната врата. И ја измери: беше со исти мерки.
36 Нивните соби, полустолбовите и тремовите беа исто така со исти мерки. Вратата и нејзиниот трем имаа прозорци секаде наоколу. Тука беа педесет лакти во должина, а дваесет и пет во широчина.
37 Тремот достигаше до надворешното предворје. На столбовите од оваа и од онаа страна имаше палми. Пристапот кон нив имаше осум басамаци.
38 Покрај столбовите на вратата имаше соба со посебен влез; таму ги миеја палениците.
39 Во тремот на вратата од едната и од другата страна имаше по два стола за колење на паленици за грев и приноси за престапи.
40 И од надворешната страна на оној кој влегува низ влезот на северната врата имаше два стола; а од другата страна, кон тремот на вратата, два стола.
41 Четири стола од едната а четири стола од другата страна на вратата: вкупно осум столови, врз кои се колеа жртви.
42 И четири стола за паленици, од делкан камен. Беа по лакот ипол широки и лакот високи. Врз нив стоеше приборот за колење на паленици и други жртви.
43 Столовите беа орабени наоколу со жлепчиња од еден лакот, свртени кон внатре. На столовите се ставаше жртвено месо.
44 Потоа ме поведе во внатрешниот двор. Во внатрешниот двор беа две простории: едната беше на страната на северната врата, свртена кон југ, а другата на страната на јужната врата, свртена кон север.
45 И тој ми рече: „Таа просторија што е свртена кон југ е одредена за свештениците, кои ја вршат службата во Домот.
46 А просторијата што е свртена на север е за свештениците, кои ја извршуваат службата при жртвеникот. Тоа се Садоковите синови, оние помеѓу Левиевите синови, кои што смеат да Му пријдат на Господа за да му служат!”
47 Тој го измери дворот. Должина: сто лакти, широчина сто лакти; беше четириаглест. Пред Домот стоеше жртвеник.
48 А потоа ме поведе кон тремот, и ги измери полустолбовите на тремот: беа пет лакти на едната и пет лакти на другата страна. Вратата беше широка три лакти од едната и три лакти од другата страна.
49 Тремот беше долг дваесет лакти, широк дванаесет лакти. Десет басамаци водеа натаму. На довратниците од една и од другата страна стоеше по еден столб.