1 Во седмата година, во петтиот месец, во десетиот ден, дојдоа кај мене некои од Израелевите старешини за да се советуваат со Господ. Седнаа пред мене.
2 И ми дојде Господово слово: „Човечки сине! Зборувај им на Израелевите старешини!
3 Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Дојдовте да ме прашате за совет? Животот Ми Мој нема да Ме прашате! - говори Господ Бог.’
4 Сакаш ли да им судиш, дали ќе им судиш, човечки сине? Покажи им ги гадостите на нивните татковци.
5 Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Во оној ден кога го избрав Израел и ја ставив раката на потомството на Јакововиот дом та им се објавив во Египетската Земја, им се заколнав: ‘Јас Сум Господ, ваш Бог!’
6 Во тој ден им се заколнав со подигната рака дека ќе ги изведам од Египетската Земја, во земја што ја избрав за нив, во земја во која течат мед и млеко, најубава од сите земји.
7 И им реков: ‘Отфрлете ги од себеси сите гадости што ви ги привлекуваат очите, и не се валкајте со египетските идоли, зашто Јас сум Господ, ваш Бог!’
8 Но тие се одметнаа од Мене и не сакаа да Ме слушаат: ниеден не ги отфрли гадостите што му ги пленија очите и не се отстрани од египетските идоли. Тогаш одлучив да го излеам Мојот гнев врз нив и да ја излеам Мојата јарост врз нив во Египетската Земја.
9 Но заради Моето Име - за да не се хули пред очите на народите меѓу кои што престојуваа и пред кои им бев јавил дека ќе ги изведам.
10 Ги изведов од Египетската Земја и ги одведов во пустината;
11 и им ги дадов своите заповеди и им ги објавив Своите закони, кои што секој треба да ги извршува за да живее;
12 им ги дадов и своите саботи, како знак меѓу Себе и нив, нека знаат дека Јас Сум Господ Кој ги осветува.
13 Но и во пустината Израелевиот дом се одметна од Мене: не одеа по Моите заповеди ги отфрлија Моите закони, кои што секој треба да ги исполнува за да живее; ги обесветуваа Моите саботи. И затоа одлучив во пустината да го излеам Мојот гнев врз нив за да ги сотрам.
14 Но ни тоа не го направив заради Своето Име, за да не се хули тоа пред народите пред чии очи ги изведов.
15 Но им се заколнав во пустината дека нема да ги воведам во земјата што им ја дадов, во земјата низ која течат мед и млеко, најубава од сите земји,
16 зашто ги отфрлија Моите закони, и не одеа по Моите заповеди, и ги обесветуваа моите саботи, а срцето им одеше по нивните идоли.
17 Моите очи сепак се сожалија за да не ги сотрам. И така не ги уништив во пустината.
18 Туку им реков на нивните синови во пустината: ‘Не одете по заповедите на вашите татковци, не ги пазете нивните закони и не се осквернувајте со нивните идоли!
19 Зашто Јас Сум Господ, ваш Бог! Одете по Моите заповеди пазете ги и исполнувајте ги Моите закони,
20 и празнувајте ги Моите саботи, тие нека бидат знак меѓу Мене и вас за да се знае дека Јас Сум Господ, ваш Бог!’
21 Но и синовите се одметнаа од Мене, не одеа по Моите заповеди, и не ги пазеа ни постапуваа по Моите закони, кои што секој треба да ги исполнува за да живее, а Моите саботи ги онечистија. И затоа одлучив да го излеам Мојот гнев и да ја излеам Својата јарост врз нив во пустината.
22 Но сепак ја воздржав Мојата рака заради Моето Име, за да не се хули тоа пред народите пред чии очи ги изведов.
23 Но, се заколнав во пустината дека ќе ги распрснам меѓу народите и дека ќе ги расеам по земјите,
24 зашто не ги извршуваа Моите закони, и зашто ги презреа Моите заповеди, и зашто ги обесветуваа Моите саботи и ги насочуваа очите кон идолите на своите татковци.
25 И затоа им дадов уредби што не беа добри, закони што усмртуваат:
26 И им попуштив да се онечистуваат со своите жртвени приноси, поминувајќи ги низ оган своите првороденчиња, за да ги истребам, за да знаат дека Јас Сум Господ.”‘
27 Човечки сине, речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „И со ова уште Ме навредија вашите очи: со неверство Ме изневерија!
28 Кога ги воведов во земјата за која им се заколнав дека ќе им ја дадам, каде и да согледаа возвишено бреже или разгранчено дрво, принесуваа жртви, донесуваа предизвикувачки приноси, ставаа пријатни мириси, ставаа налевници.
29 Ги прашав: ‘Што ли значи тоа возвишение на кое се искачувате?’ И така остана името „Бама”, Возвишение, до денешниот ден.”‘
30 Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Не се онечистивте ли вие како вашите татковци, не правите ли и вие блудство со нивните гадости?
31 Се валкате принесувајќи им дарови, поминувајќи ги низ оган своите синови во чест на сите свои идоли се до денешниот ден. И тогаш да Ме прашаш за совет доме Израелев! Животот Ми Мој - говори Господ Бог - нема да Ме прашате за совет!
32 И нема да се случи за што сонувате, кога зборувате: ‘Ќе бидеме како другите народи, како народите на другите земји што им служат на дрвата и на камењата.’
33 Животот Ми Мој - зборува Господ Бог - ќе владеам со вас со силна рака и со подигната мишка, во сета жестокост на Својата јарост.
34 Ќе ве изведам од народите, ќе ве соберам од сите земји во кои што бевте распрснати со силна рака и со подигната мишка во сиот пламен на Мојата јарост!
35 Ќе ве одведам во пустината на народите и таму ќе ви судам лице в лице!
36 Како што им судев на вашите татковци во пустината на Египетската Земја, и вам ќе ви судам - говори Господ Бог!
37 Ќе ве поминам под Својот жезал, ќе се вратите во мал број,
38 ќе ги одделам од меѓу вас сите кои се побунија и се одметнаа од Мене: ќе ги изведам од земјата во која што престојуваат како придојденци, но - во Израелевата Земја никогаш не ќе влезат! И ќе знаат дека Јас Сум Господ!
39 А вие, доме Израелев, - вака зборува Господ Бог - само одете и натаму служете му секој на својот идол! Еднаш, ви се колнам, ќе послушате и веќе не ќе го хулите Моето свето Име со своите приноси и идоли:
40 На Мојата Света Гора, на високата Израелева Гора - вели Господ Бог - ќе ми служи сиот Израелев дом, во целата земја. Таму тие ќе ми замилеат, и таму ќе ги барам вашите приноси и приносите на вашите први плодови со сите светини.
41 Ќе ми замилеете како пријатно кадење, кога ќе ве изведам од народите и кога ќе ве соберам од земјите во кои бевте расеани. И на вас ќе ја покажам Својата светост пред очите на сите народи.
42 Тогаш ќе знаете дека Јас Сум Господ, кога ќе ве доведам во Израелевата Земја, во земјата за која им се заколнав дека ќе им ја дадам на вашите татковци.
43 Таму ќе се спомнете за сите свои патишта и за сите ваши дела со кои се онечистивте: ќе се замразите сами себеси заради злоделата што ги направивте.
44 И тогаш ќе сознаете дека Јас Сум Господ кога, заради Моето Име, не постапувам со вас според вашите лоши патишта ни според вашите развратни дела, доме Израелев!” Така зборува Господ Бог.’”
45 И ми дојде Господово слово:
46 ”Човечки сине, сврти го лицето кон југ и истури беседа кон југ, та пророкувај против гората во Негевскиот Крај.
47 Речи и на неговата шума: ‘Послушај го Господовото слово! Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе запалам оган сред тебе, и тој ќе го голтне во тебе секое дрво, зелено и суво! Разгорениот оган нема да згасне додека не изгори сè од север до југ.
48 И сите ќе видат дека Јас, Господ, го запалив тој оган, и нема да угасне.”‘“
49 На тоа реков: „О Господи Боже, та тие ќе речат за мене: ‘Еве го пак раскажувачот со приказни!’”