Езекиел 29 MKB

1 Во десеттата година, во десеттиот месец, на дванаесеттиот ден, ми дојде Господово слово:

2 ”Човечки сине, сврти го лицето кон фараонот, египетскиот цар, и пророкувај против него и против сиот Египет.

3 Зборувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве ме, против тебе, фараону, египетски цару, голем крокодилу што лежиш сред своите реки. Ти рече: ‘Реките се мои, си ги направив за себе.’

4 И затоа ќе ти закачам јадица во вилицата и ќе ги залепам сите риби на твоите реки врз твоите стргунки. Ќе те извлечам од твоите реки, со сите риби на твоите реки, залепени врз твоите стргунки.

5 Ќе ве фрлам во пустината тебе и сите риби од твоите реки, ќе паднеш на отворено поле и никој не ќе те подигне, ниту ќе те погребе, на земските ѕверови и на небесните птици ќе те дадам за храна!

6 И ќе знаат сите жители на Египет дека Јас Сум Господ. Зашто ти беше трска за потпирач на Израелевиот дом!

7 Кога те фатија во рака, ти се скрши и им го прободе рамото; а кога се потпреа врз тебе ти пукна и им ги рани сите бедра.”

8 Затоа Господ Бог зборува вака: „Ете, ќе го доведам Својот меч против тебе, ќе ги истребам од тебе и луѓето и животните!

9 Сета Египетска Земја ќе биде пустина и урнатина, и тие ќе знаат дека Јас Сум Господ. Зашто ти рече: ‘Реката е моја, си ја направив за себе.’

10 Затоа, еве Ме против тебе и против твоите реки, за да ја претворам Египетската Земја во пустина и запустеност од Мигдол до Севан и до етиопската граница!

11 Низ неа не ќе врви веќе човечка нога ни животинска нога, ќе остане ненаселена четириесет години.

12 Ќе направам пустина од Египетската Земја сред запустените земји, а нејзините градови ќе бидат урнатини четириесет години меѓу разурнатите градови. И ќе ги распрснам Египетците меѓу народите, и ќе ги расеам по земјите.”

13 Зашто, Господ Бог зборува вака: „Кога ќе поминат четириесет години, ќе ги соберам пак сите Египетци од народите каде што беа распрснати.

14 Ќе ги вратам египетските заробеници, ќе ги вратам пак во земјата Патрос, нивната родина, за да основат таму слабо царство.

15 Тоа ќе биде најмало од сите царства, за да не се издигне никогаш веќе над другите народи. Ќе го намалам така, што веќе никогаш нема да покори други народи,

16 и да не биде веќе надеж на Израелевиот дом. Нека му ги повикува во паметта гревовите што ги беше направил, свртувајќи се по нив. И тие ќе сознаат дека Јас Сум Господ.”‘“

17 Во дваесет и седмата година, во првиот ден на првиот месец, ми дојде Господово слово:

18 ”Човечки сине, вавилонскиот цар Навуходоносор тргна со војската во голем поход против градот Тир. И секоја глава се разголе и секое рамо се одра. Но ни тој ни неговата војска немаа никаква добивка од тоа што тргнаа против Тир.

19 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе му ја предадам на Навуходоносор, вавилонскиот цар Египетската Земја, ќе и го одземе богатството, ќе награба плен и ќе ја ограби. Тоа ќе биде плата за неговата војска.

20 За трудот што тргна против Тир ќе му ја дадам сета Египетска Земја, зашто работеше за Мене - говори Господ Бог.

21 Во оној ден ќе направам да му порасте рог на Израелевиот дом, а тебе ќе ти ја отворам устата меѓу нив. И ќе знаат дека Јас Сум Господ.’”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48