1 И ми дојде Господово слово:
2 ”А ти, човечки сине, почни со тажачка за Тир
3 и речи му на Тир што лежи при влезот во морето и тргува со народите на безбројните острови: Господ Бог зборува вака: ‘Тиру што зборуваше: „Јас сум прекрасен, со вонредна убавина.”
4 Твоите меѓи достигаат длабоко во морето, твоите градители те направија убав беспримерно.
5 Од сенирските чемпреси ти изградија даски, зедоа ливански кедар, ти подигнаа јарболи;
6 од васанските дабови ти изделкаа весла, од слоновата коска и од буковото дрво од Китимските Острови, ти ги направија седиштата!
7 Од везениот египетски лен ти беа едрата, за да ти бидат знаме! А синото и пурпурното од Елиските Острови ти ги ставија за покриви.
8 Жителите на Сидон и Арвад ти беа веслачи, а твоите мудреци, Тиру, ти беа кормилари!
9 Гевалските старешини и вештаци ги поправуваа твоите расипани нешта. Сите морски бродови и морнари беа твои и тргуваа со тебе!
10 Персијанците, Лудејците и Путејците беа војници во твојата војска, во тебе ги обесуваа штитовите и кацигите; тие ти даваа блесок.
11 Арвадските синови со војниците на ѕидовите твои наоколу, ти ги чуваа стражарниците. На ѕидовите наоколу ги бесеа штитовите за да ја возвеличат твојата единствена убавина!
12 Заради твоето големо богатство дури и Тарсис тргуваше со тебе плаќајќи го со сребро и железо, со олово и со калај твоето производство.
13 Јаван и Тувал и Месех тргуваа со тебе: даваа човечки души и бронзени садови за твоите стоки.
14 Оние од Вет-Тогарма даваа коњи, тркачки коњи и мазги.
15 И Дедановите синови тргуваа со тебе. Многу острови ти беа подложени: ти плаќаа данок во слонова коска и во абаносово дрво.
16 Заради изобилството на твојата стока Едом тргуваше со тебе, ти даваа за стоките антракси отворено - порфир и везено, корали и рубини;
17 и Јудеја и Израелевата Земја тргуваа со тебе со минитско жито, со восок со мед, со масло и со мирислива смола, за лек ги плаќаа твоите стоки!
18 Заради изобилството на твојата трговија, заради твоето големо благо, и Дамаск тргуваше со тебе со хелвонско вино и со бела волна.
19 И Дан и Јаван од Узел за твојата трговија менуваа прекалено железо, цимет и слатка трска.
20 Дедан тргуваше со тебе со покривки за коли.
21 Арабјаните и кидарските кнезови вршеа размена со тебе и за тргувањето ти плаќаа со јагниња, јарци и со овни.
22 Трговците од Сава и од Рама тргуваа со тебе, за тргувањето ти даваа најдобрите бесценети камења и злато.
23 Харан, Кана и Еден, трговците на Сава, Асирија и Хилмад тргуваа со тебе. Менуваа за твоите стоки
24 скапоцени облеки, отворено црвени и везени наметки, шарени ткаенини и цврсто плетени јажиња.
25 Натоварените тарсиски бродови ја превезуваа твојата роба! Беше полн и многу славен во срцето на морето.
26 На отворено море, на многу мориња те изведоа веслачите. Источниот ветер те разби на морската широчина!
27 Твоето благо и твоето тргување, твоите ракотворби, твоите бродари и твоите кормилари, поправувачи на пукнатините, менувачите на твоето тргување, сите војници на тебе и сето мноштво сред тебе, ќе потонат на морското дно на денот на твојот бродолом!
28 На повикот за помош на твоите кормилари ќе се стресат бреговите.
29 И ќе слезат од своите бродови сите веслачи, сите бродари и сите кормилари и ќе останат на копно.
30 По тебе ќе тажат гласно и ќе стенкаат горчливо. Ќе ги посипуваат со пепел главите и ќе се прпелкаат во прав;
31 И заради тебе ќе ги избричат главите, ќе се препашат со вреќиште, со јадосана душа ќе тажат по тебе и ќе заплачат горчливо.
32 Во тага ќе ти ја запеат тажачката, над тебе ќе тажат: „Кој град беше горделив како Тир сред морето?”
33 Зашто кога тој би го растоварил благото многу народи би ги наситил со тоа! Со изобилството на богатствата и со трговијата би усреќил многу земни цареви.
34 А ете, сега, морските бранови те здробија, потона во морските длабочини! Твоето богатство и сета посада потонаа со тебе.
35 Сите островски жители заради тебе се исплашија. Нивните цареви се наежија, главите ги наведнаа морално скршени.
36 Трговците на народите свиреа со уста по тебе, зашто ти стана страшило и те снема засекогаш!’”