1 Во единаесеттата година, во првиот ден на месецот, ми дојде Господово слово:
2 ”Човечки сине, зашто Тир воскликнуваше над Ерусалим: ‘Ха, ха! се скршија тие врати на народите, и се свртија кон Мене; ќе се збогатам: тој е запустен’ -
3 затоа Господ Бог зборува вака: ‘Еве Ме Тире, против тебе, ќе подигнам против тебе силни народи, како што морето ги подига брановите!
4 Ќе ги разурнам тирските ѕидови, и ќе ги разурнат сите негови стражарници. А Јас ќе му ја изметам и правта, ќе направам од него гладок камен!
5 Ќе биде сушилница за мрежи. Зашто Јас реков - зборува Господ Бог. И ќе им стане плен на народите.
6 А сите негови ќерки ќе паднат од меч во полето! Ќе знаат дека Јас Сум Господ!’
7 Зашто Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе го доведам против Тир од север Навуходоносор, вавилонскиот цар, царот над царевите, со коњи и со бојни коли, со коњаници, со чети и со мноштво народ.
8 Твоите ќерки ќе ги исечат со меч во полето! Ќе подигнат опсадни стражарници против тебе, ќе насипат насипи против тебе, и ќе подигнат штитови против тебе.
9 Против твоите ѕидови ќе ги насочат ѕидокршачите, и твоите стражарници ќе ги оборат со куки!
10 Од неговите безбројни коњи сиот ќе те покрие прав, а од шумот на коњаниците и тркалата и на нивните бојни коли ќе се затресат твоите ѕидови, кога ќе поминуваат низ твојата врата, како што поминува низ освоен град.
11 Со копитата на своите коњи ќе ти ги изгазат сите улици; ќе го истепаат твојот народ со меч, и ќе ги срушат твоите столбови.
12 Ќе го ограбат твоето богатство, ќе го разграбат твоето благо! Ќе ги разурнат твоите ѕидови, и ќе ги срушат твоите прекрасни куќи! Камењата, дрвото, твојот прав ќе ги фрлат во морето!
13 А Јас ќе го прекратам шумот на твоите песни, и веќе нема да се чуе звукот на твоите харфи!
14 Ќе те претворам во гладок камен, ќе станеш сушилница за мрежи. Веќе никогаш нема да се подигнеш, зашто Јас, Господ, реков!’ - говори Господ Бог.
15 Вака му зборува Господ Бог на Тир: ‘А нема ли од трескањето на твоето паѓање и од офкањето на твоите ранети, кога ќе настане немил колеж во тебе - да се стресат сите острови?
16 И нема ли тогаш сите кнезови на морето да слезат од своите престоли, да ги отфрлат своите наметки, и да ги симнат везените облеки, за да се облечат во страв, за да седнат на земја, треперејќи непрекратно ужаснати од твојата несреќа?
17 А потоа ќе затажат над тебе и ќе ти речат: „Како пропадна, како те снема од море, прославен граду, што беше толку силен на морето, ти и твоите жители, што и задаваа страв на целата земја?
18 Сега на денот на твојата пропаст островите ќе се стресат, островите на морето ќе се исплашат заради твојата пропаст!”‘
19 Зашто Господ зборува вака: ‘Кога ќе те претворам во пуст град, какви што се градовите во кои што веќе никој не престојува, и кога ќе доведам против тебе бездни, за да те покријат големи води,
20 ќе те спуштам со оние кои што слегоа во јама кон предамнешен народ, и ќе те сместам во најдолните краеви на земјата, во вечни пустини, со оние што слегоа во јамата, за да не се вратиш веќе во земјата на живите.
21 Ќе те претворам во ужас, и веќе не ќе те биде, ќе те бараат, но веќе никогаш не ќе те најдат!’ - говори Господ Бог.