1 Ми дојде Господово слово:
2 ”Човечки сине, си биле две жени, ќерки на една мајка.
3 И му се оддадоа на блудството во Египет, блудствуваа во младост: таму им ги стискаа градите, им ги гнечеа девојчинските дојки.
4 На постарата името и беше Ола, (нејзиниот шатор) а на сестра и Олива (мојот шатор во неа), двете станаа Мои и Ми родија синови и ќерки. Еве им ги имињата: Самарија е Ола, Ерусалим Олива.
5 Ола, иако Ми припаѓаше Мене, му се предаде иа блудството; се распали по љубовниците, за Асирците, за своите соседи,
6 облечени во сино кадифе, сè сами кнезови и намесници, убави момчиња, вешти коњаници.
7 И му се предаде на блудство со нив, сè одбор асирски синови; и пламнувајќи по нив, се онечисти со сите нивни идоли.
8 А не се откажа ни од блудството со Египетците, кои што лежеа со неа од нејзината младост, кои што и ги гнечеа моминските дојки и на неа го излеваа својот блуд.
9 И затоа ја предадов во рацете на нејзините љубовници, во рацете на Асирците по кои се распалила.
10 И тие ја разголија и и ги пленија синовите и ќерките, а самата неа ја погубија со меч. И така им стана пример на сите жени, бидејќи судот беше извршен над неа.
11 Сестра и Олива го виде тоа, ама се распали уште полошо, и правеше полошо блудство.
12 Се распалуваше по асирските синови, се сами кнезови и намесници, по своите соседи, облечени раскошно, вешти коњаници, одбор момчиња.
13 И видов како се онечисти: обете тргнаа по ист пат.
14 Но оваа му се предаде уште полошо на блудство: кога би видела маж насликан на ѕид, ликовите на Халдејците нацртани со црвенило,
15 со бедра препашани со појас, со спуштени превези на главите - сè јунаци, вистински Вавилонци, родум од Халдејската Земја -
16 туку што би ја здогледала нивната прилика, сета би се распалила по нив та им испраќаше пратеници во Халдејската Земја,
17 Вавилонските синови дотрчуваа при неа на љубовната постела, за да ја онечистат со блуд. А кога ќе се извалкаше со нив, и се згадуваа.
18 Но се разгласи нејзиното блудствување, се откри нејзината голота и Мојата душа се одврати од неа, како што се беше одвратила од нејзината сестра.
19 Зашто таа му се предаде на уште полошо блудство, спомнувајќи си за деновите на својата младост кога му се предаваше на блудството во Египет,
20 распалувајќи се по развратниците, на кои машката снага им беше како на магаре, а изливот како кај коњите.
21 Така пак му се врати на срамот на својата младост, кога во Египет и ги притискаа градите кога и ги гнечеа моминските дојки.
22 Затоа Оливо Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе ги подигнам против тебе твоите љубовници, кои и се згадија на твојата душа, и ќе ги доведам отсекаде против тебе:
23 Вавилонците, сите Халдејци, Фекоѓанците, Соанците и Коанците, а со нив сите асирски синови - сè одбор момчиња, кнезови и заменици, јунаци на глас, вешти коњаници.
24 И ќе дојдат против тебе од север многубројни коњи и коли со мноштво народи и ќе се наредат отсекаде против тебе со штитови, со кациги и со оклопи. Ним ќе те предадам на суд, и со свој суд ќе ти судат.
25 Ќе ја оборам врз тебе сета своја ревност, нека постапат јаросно со тебе; нека ти ги отсечат носот и ушите, а твојот остаток нека падне од меч; да ти ги одведат синовите и ќерките, а твојот остаток огнот нека го проголта.
26 И ќе ги скинат од тебе твоите облеки и ќе ти ги ограбат сите твои накити.
27 Така ќе ги докрајчам сиот твој срам и блудничењето, сè таму од Египет: не ќе ги подигаш веќе очите кон нив и не ќе си спомнуваш веќе за Египет!’
28 Зашто, Господ Бог зборува вака: ‘Еве ме! Ќе те предадам во рацете на оние кои што ти ги замрази, кои и се згадија на твојата душа.
29 Нека ја излеат врз тебе својата омраза, нека ти ја преземат сета мака, а тебе нека те остават гола и разголена! Нека се открие сета голота на твоето блудство и на бесрамноста, на твоето блудствување.
30 Сè тоа ќе те стигне заради твоето блудствување со народите и дека си се онечистила со нивните идоли.
31 Одеше по патот на својата сестра: ќе ти ја дадам нејзината чаша во раката.’
32 Господ Бог зборува вака: ‘Ќе ја испиеш чашата на својата сестра, длабока и широка чаша, и ќе бидеш за потсмев и за презир, зашто нејзината содржина е голема.
33 Ќе се наполниш со пијанство и со жалост! Таа е чаша на запустување, на ужас - чашата на твојата сестра, Самарија.
34 Ќе ја пиеш, ќе ја испразниш до дното, потоа ќе ја скршиш во делови, ќе ги раскинеш своите гради. Зашто, Јас реков така,’ говори Господ Бог!
35 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Зашто ти Ме заборави Мене и Ми ги сврти плеќите, поднесувај ги сега сиот свој срам и блудство!’”
36 И уште ми рече Господ: „Човечки сине, сакаш ли да им судиш на Ола и Олива, да им ги покажеш нивните гадости?
37 Направија прељуба, рацете им се окрвавени, направија прељуба со своите идоли, децата што ми ги народија ги поминаа низ оган, за да ги проголта.
38 Уште ми го направија и ова: во оној ден го обесчестија Моето Светилиште и ги обесветија Моите саботи.
39 Зашто во истиот ден кога своите деца им ги заклаа на идолите, дојдоа во Моето Светилиште за да го онечистат. Ете, така направија сред Мојот Дом.
40 Па испраќаа по машки оддалеку и тие им се стрчуваа штом гласниците ќе стигнеа кај нив. А ти се капеше за нив, ги мачкаше своите очи и се китеше со накит.
41 А потоа седнуваше на раскошна постела, пред која беше послан стол, на кој ги ставуваше Мојот темјан и Моето масло.
42 Тука се слушаше подвикнувањето на веселото друштво заради големото мноштво доведено од сите страни на пустината; им ставаа на жените нараквици на рацете и прекрасни венци на главите.
43 И реков: ‘Со жена потоната во прељуба уште тераат блудство, и таа самата уште му се предава на блудот!’
44 & приоѓаат како на некаква блудница! Да, им приоѓаат на Ола и Олива, на развратничките.
45 Затоа праведниците ќе им судат, како што им се суди на прељубниците и на оние кои пролеваат крв, зашто тие се прељубнички, рацете им се окрвавени.
46 Зашто вака зборува Господ Бог: ‘Нека се свика собир против нив, за да ги подложам на измачување и на грабеж.
47 Собирот нека ги каменува и нека ги насече со мечеви; нека им ги исколе синовите и ќерките; а домовите нека им ги изгорат со оган.
48 Така ќе ставам крај на развратот на оваа земја, за да се опоменат другите жени да не ги прават вашите срамни дела.
49 А врз вас ќе го возложам сиот ваш разврат и ќе понесете казна за идолопоклонството. И ќе знаете дека Јас Сум Господ Бог.’”