1 Потоа дојдоа кај мене некои од Израелевите старешини и седнаа пред мене.
2 И ми дојде Господовото слово:
3 ”Човечки сине! Тие луѓе ги носат идолите во срцето и ги насочуваат очите во она што ги поттикнува на грев. Па зар да трпам да бараат совет во Мене?
4 Затоа речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „На секој од Израелевиот дом кој носи идоли во срцето и ги насочува очите во она што ги поттикнува на грев, а доаѓа кај пророкот, Јас, Господ, ќе му одговорам според мноштвото на неговите идоли,
5 за да го фатам за срце Израелевиот дом што се одметна од Мене заради своите идоли.”‘
6 Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Обратете се, одвратете се од своите идоли! Одвратете го лицето од своите гнасности!
7 Зашто секому од Израелевиот дом и од придојдениците што се населија во Израел, кој ќе се одметне од Мене и кој ги носи идолите во срцето и ги насочува очите во она што го поттикнува на грев, па и покрај тоа дојде при пророкот да преку него бара совет од Мене, нему Јас Самиот, Господ ќе му одговорам;
8 ќе се свртам против него и ќе направам од него знак и пословица; ќе го откорнам од Својот народ! И ќе знаете дека Јас Сум Господ.
9 Ако пророкот остави да биде заведен и да проговори тоа ќе биде како Јас самиот, Господ, да го заведов тој пророк: ќе ја подигнам раката на него и ќе го откорнам од Својот Израелев народ.
10 Двајцата еднакво ќе го носат својот грев: гревот на пророкот еднаков е на гревот на оној што побарал совет од него.
11 И така Израелевиот дом веќе не ќе се одметнува од Мене и не ќе се валка веќе со своите беззаконија: тој ќе биде Мој народ, а Јас ќе бидам негов Бог - говори Господ, Бог.’”
12 И ми дојде Господовото слово:
13 ”Човечки сине, ако згреши некоја земја против Мене со невера, и Јас ја кренам раката против неа, та и ја уништам и последната поткрепа во леб, и ако пуштам глад на неа за да ги сотрам во неа сите луѓе и добитокот;
14 ако останат во неа само тројца луѓе - Ное, Даниел и Јов - тие ќе се спасат со својата праведност - говори Господ Бог.
15 Исто така, ако против таа земја пуштам диви ѕверови, за да и ги уништат децата, а неа ја претворат во пустина, низ која никој не ќе се осмели веќе да помине заради ѕверовите;
16 ако во неа останат само тие тројца луѓе, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси, а нивната земја ќе стане вистинска пустина.
17 Или, ако Јас го истргам мечот против таа земја велејќи: ‘Мечу, помини низ оваа земја!’ за да ги истребам во неа сите луѓе и добитокот,
18 а ако во неа се најдат оние тројца луѓе, животот Ми Мој - говори Господ Бог, тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси.
19 Или, ако Јас испратам помор против таа земја, та излеам врз неа гнев и колеж, за да ги сотрам во неа сите луѓе и добитокот,
20 а во неа останат само оние тројца луѓе, Ное, Даниел и Јов, животот Ми Мој - зборува Господ Бог - тие не ќе ги спасат ни синовите ни ќерките, туку само себеси со својата праведност.”
21 Господ Бог зборува вака: „Сепак, ако ги пуштам против Ерусалим сите свои четири тешки казни - мечот, гладот, дивите ѕверови и поморот - за да ги затрам во него сите луѓе и стоката,
22 во него сепак ќе преживее Остатокот, кој ќе ги спаси синовите и ќерките. И еве, тие ќе дојдат кај вас за да го видите нивното поведение и нивните дела и да се утешите, зашто ќе познаете: што и да презедов против Ерусалим, не го направив без причина.
23 Да, кога ќе го видите нивното поведение и нивните дела ќе се утешите, зашто ќе познаете не направив без причина што и да презедов против Ерусалим - зборува Господ Бог.”