1 Во дванаесеттата година, во дванаесеттиот месец, во првиот ден, ми дојде Господовото слово:
2 ”Човечки сине, заплачи над фараонот, египетскиот цар, и кажи му: ‘Лавче на народите, пропадна! Ти беше како крокодил во водата, шумеше во твоите реки; ја матеше водата со нозете, и ги надигаше брановите!’
3 Господ Бог зборува вака: ‘Ете, ќе распнам мрежа над тебе со собир на многу народи: тие ќе те извлечат во Мојата мрежа.
4 Ќе те оставам на земјата, ќе удрам со тебе по почвата; ќе ги пуштам на тебе сите небесни птици и ќе ги нахранам земните ѕверови со тебе!
5 Ќе ти го расфрлам месото по горите, ќе ги покријам долините со твојата мрша.
6 Со тоа што ќе истече од тебе ќе ја напојам земјата; со твојата крв по горите и со неа ќе ги наполнам речните корита.
7 А кога ќе те угаснам, ќе ги смрачам небесата и ќе ги згаснам ѕвездите на нив! Со облак ќе го покријам сонцето и месечината не ќе свети со светлина.
8 Заради тебе ќе ги угаснам сите светилки на небото; и ќе распрострам мрак над земјата!’ говори Господ Бог!
9 ’Ќе ги смутам срцата на многу народи кога ќе ги одведам твоите заточеници во земја што ти е непозната.
10 Стравот ќе опфати многу народи, а нивните цареви ќе се ужаснат над тебе пред нивни очи. И во денот на твоето паѓање секој ќе трепери непрекратно за својот живот.’
11 Зашто Господ Бог зборува вака: ‘Мечот на вавилонскиот цар ќе се спушти врз тебе.
12 Твоите множества ќе ги погубам со мечевите на јунаците, на најлутиот од сите народи, ќе ја уништи гордоста на Египет и ќе го сотре сето негово множество.
13 Ќе го уништам сиот негов добиток покрај изобилните води и човечката нога веќе не ќе ги гази, ниту животинско копито ќе ги мати.
14 Тогаш пак ќе им ги стивнам водите и ќе направам реките да им течат како масло - говори Господ Бог.
15 Кога ќе ја направам пустина Египетската Земја, кога ќе биде ограбено што е во неа; кога ќе ги поразам сите нејзини жители, ќе знаат дека Јас Сум Господ.
16 Тоа е тажачка што ќе се тажи. Ќе ја тажат над Египет и над сето негово множество - говори Господ Господ.”
17 Во дванаесеттата година, во првиот месец, во петнаесеттиот ден, ми дојде Господовото слово:
18 ”Човечки сине, тажи по египетското множество, турни го, него и ќерките на славните народи, во подземниот крај, како оние што слегоа во јамата.
19 Од кого си поубав? Слези и почини со необрезаните.
20 Тие ќе паднат меѓу оние кои мечот ги покоси; на меч се предадоа, ќе добијат легло со сето множество.
21 Најхрабрите јунаци ќе му зборуваат од срцето на гробот: ‘Ти и твоите помошници, слезете и починете со необрезаните, покосени од меч!’
22 Таму е Асирецот и сето негово мноштво околу неговиот гроб, сите истепани, покосени со меч.
23 Гробовите им лежат на дното на јамата, и сиот негов куп е околу неговиот гроб - сите, некогаш ужас во земјата на живите, сега погубени, покосени со меч.
24 Таму е и Елам и сето негово мноштво околу неговиот гроб - сите истепани, покосени од меч, необрезани слегоа во подземниот крај на мртвите: некогаш ужас во земјата на живите, сега го поднесуваат својот срам со оние што слегоа во јамата.
25 Среде поразените им го сместија леглото: нему и на миожеството околу неговиот гроб - сите необрезани, прободени со меч: некогаш ужас во земјата на живите, сега го поднесуваат својот срам со оние кои слегоа во јама, положени меѓу погубените.
26 Таму се Месех и Тувал и сето негово множество, со гробови околу неговиот гроб - сите необрезани, прободени со меч, некогаш ужас во земјата на живите.
27 Не лежат со јунаците паднати одамна, во Подземјето слегоа со оружје, со меч под главата и со штит на коските, зашто им беа ужас на јунаците во земјата на живите.
28 И ти ќе лежиш среде необрезаните, покосени со меч.
29 Таму е Едом и сите негови цареви и кнезови: и покрај своето јунаштво, и тие лежат заедно со оние кои се покосени од меч, со необрезаните, со оние кои слегоа во јамата.
30 Таму се кнезовите на север и сите Сидонци, и тие слегоа меѓу прободените. И покрај ужасот на своето јунаштво, необрезаните лежат, со прободените со меч, поднесувајќи го својот срам со оние кои слегоа во јамата.
31 Фараонот ќе ги види и ќе се утеши заради своето множество - фараонот и сета негова војска покосена со меч, говори Господ Бог!
32 Зашто задаваше страв во земјата на живите, фараонот и сето негово множество лежат со необрезаните, со покосените со меч - говори Господ Бог.”