Езекиел 31 MKB

1 Во единаесеттата година, во третиот месец, во првиот ден, ми дојде Господво слово:

2 ”Човечки сине, кажи му на фараонот египетскиот цар, и на неговиот народ: ‘На кого личиш со својата величина?

3 Еве, ќе те споредам со либански кедар, со убави гранки, со густи лисја и со високо стебло, врвот му стига до облаците.

4 Водата го отхрани и ја возвиши бездната; со своите реки му ги вадеше насадите, своите потоци ги испраќаше кон сите полски дрва.

5 И затоа тој со раст ги надвиши сите полски дрва. Гранките му се намножија, гранчињата му се разгранчија, од изобилната вода што дотечуваше до него;

6 небесните птици на неговите гранки виткаа гнезда. Под неговите гранки се раѓаа полските животни. А во неговата сенка седеа сите големи народи.

7 Тој беше убав со величината, и со широчината на своите гранки; жилите му стигаа до длабоките води!

8 Не му беа рамни ни кедровите во Божјата Градина, ни чемпресите не можеа да се споредат со неговите гранки, а јаворите не беа ни како неговите гранчиња! Ниедно стебло во Божјата Градина не му беше рамно по убавина.

9 Го украсив со мноштво гранки, и му завидуваа сите еденски дрва во Божјата Градина.’

10 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи се воздигна на високо и нарасна врвот меѓу густите гранки, и од височината му се занесе срцето,

11 затоа го предадов во рацете на најмоќниот од сите народи за да направи со него според неговото беззаконие, и го отфрлив.

12 Туѓинците, најжестоки од народите, го пресекоа и ги оборија гранките, му паѓаа по горите и по сите долини, гранките му се скршија по сите котлини, сите народи се оддалечија од неговата ладовина, го оставија!

13 Сите небесни птици слетаа на неговото оборено стебло! Сите полски животни се настанија меѓу неговите гранки!

14 За да не се возвиши веќе со својот раст ниедно дрво покрај вода, и за да не го издигне својот врв до облаците! И за да ниедно дрво, што пие вода, не се надева во својата височина! Зашто сите и се предадени на смртта, фрлени во подземните краишта, сред човечките синови, со оние што слегуваат во јамата!’

15 Господ Бог зборува вака: ‘Во денот кога тој ќе слезе во Подземјето, во знак на жалост, ја затворив над него бездната и ги запрев неговите реки. И големите води пресушија, та сиот Ливан го замрачи по него и сите полски дрва се осушија заради него!

16 Со трескавицата од неговото паѓање ги стресов народите кога го фрлив главечки во Подземјето, со оние што слегоа во јамата! И во подземниот крај се утешија сите еденски дрва, најизбраните и најубавите во Ливан, сите што ја пиеја водата.

17 И тоа, неговата мишка, и тие меѓу народите кои седеа во неговата ладовина, слегоа со него во Подземјето кон оние што беа прободени со меч.

18 И така, на кого, од еденските дрва, личиш со својата сила, со славата и со величината? А сега со нив си оборен во подземниот крај, и лежиш со необрезаните меѓу оние што беа прободени со меч. Тоа се фараонот и сето негово мноштво - говори Господ Бог.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48