1 Во деветтата година, во десетиот месец, во десетиот ден, ми дојде Господово слово:
2 ”Човечки сине, запиши го овој ден: токму денес вавилонскиот цар го опсадува Ерусалим.
3 Раскажи му приказна на одметничкиот дом. Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Стави котел, стави, и налеј вода во него!
4 Фрли делови во него; сè најдобри делови месо, бедро и плеќи! Наполни го со најдобри коски!
5 Земи го најдоброто од стадото. Запали оган под котелот, нека зоврие добро, нека се сварат во него и коските.”
6 Зашто Господ Бог зборува вака: „Тешко му на крвничкиот град, за’рѓан котел, од кого не се симнува рѓата! А потоа вади од него дел по дел, но не фрлај жрепка за него!
7 Зашто неговата крв е во него - остави ја на гол камен, не разлевај ја по земјата каде што правот би можел да ја покрие!
8 За да се распали Мојот гнев, за да му се одмаздам, ја оставив неговата крв на гол камен за да не се покрие.”
9 Затоа Господ Бог зборува вака: „Горко му на крвничкиот град, зашто ќе запалам голема клада!
10 Собери дрва, потпали оган, свари месо, замешај зачини, нека изгорат и коските!
11 А потоа стави го празен врз жарта за да се нажеже котелот и за да се растопи сета негова нечистота, за да се уништи ‘рѓата врз него!
12 Трудот ќе биде тежок! Но големата ‘рѓа не може да се симне од него: му одолеа и на огнот.
13 Срамен е твојот грев, ама ни ти не сакаше да се очистиш од гревот; и затоа веќе не ќе се очистиш додека не го излеам врз тебе Својот гнев!
14 Јас, Господ реков! И ќе го исполнам зборот; нема да сменам: И нема да се поштедам, ниту ќе се помилувам! Ќе те судам според твоите патишта и дела - говори Господ Бог.’”
15 И ми дојде Господово слово:
16 ”Човечки сине, еве, ќе ти ја одземам со ненадејна смрт желбата на твоите очи! Не тагувај, не плачи и не рони солзи!
17 Липај тивко, но не жали како што се жали за мртвите! И завиткај повез околу главата, а обуј обувки на нозете. Не покривај ја брадата и не јади погачи за жалост.”
18 Така му пророкував на народот, а навечер ми умре жената, та утреден направив како што ми беше заповедано.
19 На тоа народот ме праша: „Не ќе ни кажеш ли што значи за нас тоа што го правиш?”
20 Јас им одговорив: „Ми дојде Господово слово:
21 ’Кажи му на Израелевиот дом: „Господ Бог зборува вака: Еве, ќе го предадам на онечистување Моето Светилиште, гордоста на вашата сила радоста на вашите очи и копнежот на вашата душа! И синовите и ќерките што ги оставивте, ќе паднат од меч.
22 Тогаш ќе направите како што направив и Јас: не ќе ги покривате брадите и не ќе јадете погачи за жалост!
23 Ќе завиткате повез околу главата и ќе обуете обувки на нозете! И не ќе тажете веќе и не ќе плачете, туку ќе пропаѓате заради своите гревови и ќе липате еден пред друг!
24 А Езекиел ќе ви биде знак, ќе направите сè што направи тој. Кога ќе се збидне тоа, ќе сознаете дека Јас Сум Господ!’”
25 А ти, човечки сине, навистина во денот кога ќе им ја одземам силата на нивната славна радост, татковската им радост, сласта на нивната душа, нивните синови и ќерки -
26 во тој ден кај тебе ќе стигне бегалец за да ти соопшти тоа!
27 Во тој ден ќе се отвори твојата уста, и ти ќе му проговориш на тој бегалец; не ќе бидеш веќе нем. И така ќе им бидеш знак. И тие ќе сознаат дека Јас Сум Господ!’”