1 И ми дојде Господово слово:
2 ”Човечки сине, сврти го своето лице кон Амоновите синови та пророкувај против нив!
3 Речи им на Амоновите синови: ‘Послушајте го словото на Господ Бог! Господ Бог зборува вака: „Затоа што вие воскликнувавте: ‘ха, ха’ над Моето Светилиште, кога тоа беше обесветено, и над Израелевата Земја, кога таа беше запустена, и над Јудиниот дом, кога заминуваше во ропство,
4 еве, ќе ве предадам, во сопственост на синовите на Исток, за да ги оптегнат среде вас нивните шатори; за да ги постават своите живеалишта. Тие нека ги јадат твоите плодови и нека го пијат твоето млеко;
5 ќе направам од Рава пасишта за камили а од Амоновите синови - овчари. И ќе знаете дека Јас Сум Господ.”
6 Зашто Господ Бог зборува вака: „Бидејќи си плеснал со раце и си удрил со нога, така што си се зарадувал со презир во своето срце за Израелевата Земја;
7 еве, затоа, Јас ќе ја протегнам Својата рака врз тебе и ќе те предадам на разграбување од народите, и ќе те отсечам од племињата, ќе те истребам од земјите; ќе те уништам, и ќе познаеш дека Јас Сум Господ.”
8 Господ Бог зборува вака: „Затоа што Моав и Сир зборуваа: ‘Ете, Јудиниот дом е како на сите народи,’
9 еве, ќе ги откријам моавските стрмнини, за да останат од крајот до крајот без градови, што и беа украс на земјата: Вет-Есимот, Вал-Меон и Киријатаим.
10 Ќе им ги дадам во сопственост на синовите на Исток, на непријателите на Амонците, за да не се спомнуваат веќе Амоновите синови меѓу народите!
11 Така ќе го извршам судот над Моав. И ќе знаат дека Јас Сум Господ!”
12 Господ Бог зборува вака: „Затоа што Едом му се одмазди на Јудиниот дом, и тешко згреши со таа одмазда,
13 Господ Бог зборува вака: ‘Ќе ја кренам раката против Едом, ќе ги истребам меѓу него и луѓето и животните! Ќе го претворам во пустина: од Теман до Тедан сите ќе изгинат од меч.
14 Така ќе му се одмаздам на Едом со раката на својот Израелев народ. Тие ќе постапат со Едом според Мојот гнев и Мојата расрденост. И ќе ја сознаат Мојата одмазда!’ говори Господ Бог.”
15 Господ Бог зборува вака: „Затоа што Филистејците извршија одмазда, одмаздувајќи се крваво со омраза во срцето, разурнувајќи сè заради своето непријателство,
16 Господ Бог зборува вака: ‘Еве, ја кревам раката против Филистејците, ќе ги истребам Херетејците, ќе уништам сè што ќе остане на морскиот брег!
17 Така ќе им се одмаздам страшно со жестоки казни. И кога ќе им се одмаздам, ќе знаат дека Сум Јас Господ.”‘“