1 И ми дојде Господово слово:
2 ”Човечки сине! Во што е стеблото на лозата подобро од другите горски дрва?
3 Дали служи да се направи нешто од него? Дали се делка клин од него, за да се обеси нешто на него?
4 Ете, се фрла во оган за да изгори: кога огнот ќе му ги изгори двата краја и средината му ја спалува, може ли уште да послужи за нешто?
5 Ете, ни тогаш кога беше цело од него не можеше ништо да се направи. И така, за што може да послужи кога пламенот ќе го изгори?
6 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Како што стеблото на лозата меѓу другите дрва, го фрлив во огнот, за да изгори, така ќе постапам и со Ерусалимците!
7 Ќе го насочам Своето лице против нив, и кога ќе се избават од еден оган, друг ќе ги проголта. И ќе сознаете дека Јас Сум Господ, кога Своето лице ќе го насочам против нив
8 и ќе ја запустам сета земја, зашто Ми беа неверни!’ - говори Господ Бог.”