Езекиел 3 MKB

1 И ми рече: „Човечки сине, проголтај го тоа што е пред тебе! Изеди го тој свиток, та оди и проповедувај му на Израелевиот дом!”

2 Ја отворив устата, а тој ми даде да го проголтам свитокот

3 и рече: „Човечки сине, нахрани го желудникот и насити ја утробата со свитокот што ти го давам!” И го изедов, и во устата ми беше сладок како мед.

4 Ми рече: „Човечки сине, оди кај Израелевиот дом и пренеси му ја мојата порака.

5 Не те праќам кај народ со непознат јазик и со неразбирлив говор, туку те праќам кај Израелевиот дом.

6 Не те праќам кај многу народи со непознат јазик и со неразбирлив говор, што ти не би можел да го разбереш. А кога би те и испратил кај нив, тие би те послушале.

7 А Израелевиот дом не ќе те послуша, зашто ни Мене не Ме слуша, зашто Израелевиот дом е со тврда глава и со закоравено срце.

8 Ете, затоа ќе го закоравам твоето лице како што е и нивното, и твојата глава ќе ја направам тврдоглава како што е и нивната.

9 И не бој се од нив и не плаши се, зашто тие се одметнички род!”

10 Ми рече: „Човечки сине, сите зборови што ќе ти ги речам земи ги на срце и послушај ги со своите уши.

11 И оди кај заробениците, кај синовите на својот народ, и речи им: ‘Вака зборува Господ Бог,’ послушале или не послушале!”

12 Тогаш Духот ме подигна, и јас чув зад себе силен глас. Господовата слава се подигна од своето место.

13 Го чув летањето на крилјата на оние суштества - удираа едно на друго и силното чкртање на колцата што се движеа со нив, и звук на силен гром.

14 Тогаш Духот ме подигна и ме понесе. И јас одев огорчен во мојот дух, а Господовата рака ме притисна цврсто.

15 Така стигнав во Тел Авив, кај робовите што живееја при реката Хевара - таму каде што се беа населиле - та останав меѓу нив седум дена како замајан.

16 По седум дена пак ми дојдоа Господовите зборови:

17 ”Човечки сине, те поставувам за чувар на Израелевиот дом. И ти ќе слушаш зборови од Мојата уста и ќе ги опоменуваш во Мое име.

18 Кога ќе му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш‘, а ти не го опоменеш и не го одвратиш од неговиот лош пат за да му го спасиш животот, тој ќе умре за своето беззаконие, ама јас ќе барам од тебе сметка за неговата крв.

19 А кога ќе го опоменеш безбожникот, а тој не се одврати од беззаконието и од својот лош пат, тој ќе умре во своите беззаконија, а ти ќе го спасиш својот живот.

20 Исто така, ако праведник се одврати од својата праведност и почне да прави неправда, ќе му поставам стапица, и ќе умре зашто ти не го опомена заради неговиот грев; ќе умре, и неговите праведни дела веќе не ќе се спомнуваат, ама од тебе ќе ја барам сметката за неговата крв.

21 Ако ти го опоменеш праведникот да не греши, и тој навистина прекрати да греши, ќе живее, зашто ја прифати опомената, а ти ќе го спасиш својот живот.”

22 Таму пак ме зафати Господовата рака, и Тој ми рече: „Стани и слези во долината, за да зборувам таму со тебе!”

23 Тогаш станав и слегов во долината, и ете: Господовата слава стоеше таму, слична на Славата што ја видов при реката Хевара, та паднав ничкум.

24 Господовиот Дух влезе во мене, ме исправи на нозе и рече: „Оди и затвори се во својот дом!

25 Врз тебе, еве, човечки сине, ќе ставам јажиња и ќе те врзам, и веќе не ќе излегуваш.

26 И јазикот ќе ти го залепам за непцето, та ќе онемиш и веќе не ќе ги кориш, зашто се одметнички род.

27 А кога Јас ќе ти проговорам, ќе ти ја отворам устата, и ти ќе им речеш: ‘Вака зборува Господ Бог!’ И кој сака да слуша, нека слуша, а кој не сака, нека не слуша, зашто се одметнички род.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48