Езекиел 22 MKB

1 И ми дојде Господово слово:

2 ”Човечки сине, сакаш ли да судиш, сакаш ли да му судиш на крвничкиот град? Покажи му ги сите негови гнасности!

3 Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Граду што пролеваш толку крв во себе и што си градиш насекаде идоли за да се онечистиш, чукна твојот час:

4 ти згреши со крвта што ја пролеа, и ти се онечисти со идолите што ги направи, скратувајќи ги така своите денови и забрзувајќи ги своите години. И затоа сега ќе те направам срам меѓу народите, потсмев по сите земји.

5 И кои ти се близу и кои ти се далеку, ќе ти се потсмеваат тебе: ‘Онечистувајќи го твоето име, што се прочу со насилство!’

6 Ете, Израелевите кнезови и - секој на своја рака - пролеваат крв во тебе.

7 И во тебе веќе не се почитуваат ни таткото ни мајката, ги угнетуваат придојдениците, ги злоставуваат во тебе сирачињата и вдовиците!

8 Ги презираш Моите светини, ги обесветуваш саботите.

9 Во тебе се клеветниците заради кои се пролева крвта; во тебе се јаде по горите, сред тебе се прават разврати.

10 Во тебе се открива татковиот срам, во тебе ги силуваат жените додека се нечисти.

11 Едниот прави гадост со жената на својот сосед, другиот со срамно дело ја обесчестува својата снаа, а третиот во тебе ја изнасилува сестрата, ќерката на својот татко.

12 Ги има кои примаат поткуп за да пролеат крв. Земаш заем и придобивка, ограбуваш насила од ближниот, а Мене Ме забораваш - говори Господ Бог.

13 Затоа еве, Јас плескам со рацете над пленот што ти го ограби и над крвта што се лее во тебе.

14 Зашто, дали твоето срце ќе издржи и дали твоите раце ќе одолеат во деновите кога Јас ќе станам против тебе? Јас, Господ, реков и ќе направам!

15 Затоа ќе те распрснам меѓу народите, ќе те расеам по земјите, за да ја отстранам од тебе сета нечистота!

16 И пак ќе бидеш Мое наследство пред очите на народите. И ќе знаеш дека Јас Сум Господ!”‘“

17 Ми дојде Господово слово:

18 ”Човечки сине, Израелевиот дом ми стана талог: бронза, калај, железо и олово во печка - сите тие се отпадок!

19 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи ми станавте талог, ќе ве соберам, еве, во Ерусалим.

20 Како што се собира среброто, бронзата, железото, оловото и калајот во печка, та наоколу се раздувува огнот, за да се растопи сè така и Јас ќе ве соберам во Својот гнев и во својата јарост, ќе ве сложам и ќе ве растопам.

21 Да, ќе ве соберам и ќе го раздувам околу вас огнот на Мојата јарост, за да се растопите сред градот.

22 Како што среброто се топи во печка, така и вие ќе се растопите во него. И ќе знаете дека Јас Сум Господ, Мојот гнев го излевам врз вас!’”

23 Ми дојде Господово слово:

24 ”Човечки сине, речи уште: ‘Ти си земја уште неочистена, која уште не ја изми дождот на гневниот ден!’

25 Во нејзината средина има заклетви од пророци, како лавовите што рикаат и што го раскинуваат пленот, ги голтаат луѓето, им ги одземаат богатството и скапоценостите, множејќи ги вдовиците сред неа.

26 Нејзините свештеници не го почитуваат Мојот Закон и ги обесветуваат Моите светини, не разликувајќи го светото од несветото, не учејќи се да го разликуваат нечистото од чистото. Ги занемарија моите саботи, без чест Сум во нивната средина.

27 Нејзините старешини, како волците што го раскинуваат пленот и што пролеваат крв, ги упропастуваат луѓето, лакоми на добиток.

28 А нејзините пророци сето тоа го премачкуваат со белило и го покриваат со суетни виденија и со лажни пророкувања, велејќи: ‘Господ Бог зборува вака:’ а Господ не го рече тоа.

29 Народот на земјата пак прави секакви насилства и грабежи, ги угнетуваат сиромашниот и бедниот, а придојденикот го угнетуваат без право.

30 Барав меѓу нив некого за да ги подигне ѕидовите и за да застане на пробоите пред Мене во одбрана на земјата, за да не ја сотрам, и не најдов никого.

31 И затоа го излеав Својот гнев врз нив па ги сотрев со огнот на Својата јарост; нивните патишта им ги оборив врз главата - говори Господ Бог.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48