Езекиел 38 MKB

1 И ми дојде Господовото слово:

2 ”Човечки сине, сврти го лицето кон Гога, во земјата Магога, кон големиот кнез Рош на Месех и Тувал, пророкувај против него.

3 Речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве ме против тебе, Гоже, голем кнезу на Рош Месех и Тувал!

4 Ќе те намамам и ќе ти ставам узди во вилицата, ќе те изведам тебе и сета твоја војска - коњите и коњаниците, големо мноштво во потполна опрема - сè во оклопи и со штитови, сè вешти со мечеви.

5 Со нив е и Персија, Етиопија, и Пут - сите со штитови и шлемови;

6 потоа Гомер и сите негови чети, домот Тогарма од крајниот север со сите негови чети - многу народ со тебе!

7 Подготви се добро ти и сето мноштво што се собрало околу тебе и застани му на чело!

8 По многу денови ќе добиеш заповед; по многу години ќе нападнеш на земјата, избавена од меч и собрана од Моите народи, на Израелевите гори, некогаш долго пусти: откако ги изведов од народите, сите живееја спокојно.

9 Ќе се дигнеш, ќе дојдеш како невреме, како облак што ја покрива земјата, ти и твоите чети, а со вас многу народи!”

10 Господ Бог зборува вака: „Во тој ден мислите ќе ти се ројат во срцето и ќе сковаш лош наум.”

11 Ќе речеш: ‘Ајде да се кренам против небранетата земја, да нападнам на мирен народ што живее спокојно без ѕидови, и без лостови, и без врати:

12 па да се награбам плен и да се напљачкам пљачка - да ги ставам рацете на урнатините пак населени и на народот собран од народите, кој се занимава со стада и со имот и кој живее во средиштето на земјата.’

13 Сава, Дедан и тарсиските трговци и сите нивни лавчиња ќе те прашаат: ‘Зар затоа доаѓаш да плениш? И зар заради грабеж собра толкав куп, за да го однесеш среброто и златото, за да го ограбиш добитокот и имотот и да плениш голем плен?’”‘

14 Затоа пророкувај, човечки сине, и речи му на Гога: ‘Господ Бог зборува вака: „Во оној ден кога Мојот Израелев народ ќе живее спокојно, ти ќе се дигнеш!

15 Ќе дојдеш од своето седиште, од крајниот север, ти и многу народи со тебе, сè сами коњаници, големо мноштво, голема војска.

16 Ќе нападнеш на Израел, на Мојот народ како облак кога ја покрива земјата. Во последните денови ќе те доведам против Својата земја, за да Ме запознаат народите, кога врз тебе Гоже, пред нивните очи, ќе ја покажам Својата светост.”

17 Господ Бог зборува вака: „Не си ли ти тој за кого што зборував во древни денови, преку своите слуги, Израелевите пророци, кои што пророкуваа во она време дека ќе те доведам против нив?

18 Во оној ден кога Гога ќе падне врз Израелевата Земја - говори Господ Бог - гневот ќе Ми пламне во Мојата јарост.

19 Во Мојата ревност и во огнот на Мојот гнев, одлучив: Во оној ден ќе има силен потрес во Израел.

20 И ќе се тресат под мене морските риби и небесните птици, полските ѕверови и лазачите што ползат по земјата и сите луѓе што живеат на неа. Планините ќе се урнат, стрмнините ќе паднат и ќе се срушат сите ѕидови!

21 И по сите Свои гори ќе повикам меч против него - говори Господ Бог - со меч ќе се крене брат против брата!

22 Ќе му судам со помор и со крв. И ќе спуштам силен поројник и град од камења, оган и сулфур врз него, врз неговите чети и врз многуте народи што ќе бидат со него.

23 И ќе се возвеличам и ќе се објавам пред сите народи, и ќе познаат дека Јас Сум Господ.”‘

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48