1 А ти, човечки сине, земи плитар, постави го пред себе и нацртај го врз него градот Ерусалим.
2 Постави опсада околу него, изгради тврдина спрема него, крени насип, ископај околу него окоп, постави ја војската и размести ги ѕидокршачите наоколу.
3 Потоа земи железна плоча и постави ја како железен ѕид меѓу себе и градот, та сврти го лицето кон него и ќе биде опсаден. Притисни го! Тоа е знак за домот Израелев!
4 Потоа легни на својата лева страна и стави го врз себе гревот на домот Израелев: колку денови ќе лежиш така, толку денови ќе го носиш нивниот грев.
5 Ти давам по ден за година на нивните гревови: триста и деведесет денови ќе го носиш гревот на домот Израелев.
6 А кога ќе го завршиш тоа, ќе лежиш четириесет денови на десната страна, за да го носиш гревот на Јудиниот дом; ти давам по ден за секоја година.
7 Тогаш сврти го лицето кон опсадуваниот Ерусалим, протегни ја голата десница и пророкувај против него.
8 А Јас ќе те врзам со јажиња, за да не можеш да се вртиш од едната страна на другата додека не ги исполниш деновите на својата опсада.
9 Земи пченица, јачмен, грав, леќа, просо и ‘рж, стави го тоа во еден сад и направи си леб од тоа. Ќе го јадеш онолку денови колку што ќе лежиш на својата страна: триста и деведесет денови.
10 Јадењето што ќе го јадеш ќе биде измерено: дваесет сикли на ден; а ќе го јадеш во одредено време.
11 И вода ќе пиеш со мерка шестинка од ин. Ќе ја пиеш во одредено време.
12 А ќе јадеш погача од јачмен што ќе ја испечеш пред нив врз човечка нечистота.”
13 И Господ рече: „Така Израелевите синови ќе го јадат својот нечист леб меѓу народите меѓу кои ќе ги протерам.”
14 Јас му одговорив: „О Господи, Боже, ете, мојата душа не е извалкана, зашто уште од детството не вкусив ништо пцовисано ни раскинато, ниту во мојата уста влезе некогаш нечисто месо.”
15 А Тој рече: „Ете, ти давам кравска лепешка место човечка нечистота, за да испечеш леб врз неа!”
16 Уште ми рече: „Човечки сине, ќе ја уништам во Ерусалим последната поткрепа во леб, и ќе јадат леб со мерка и со тешкотија и ќе пијат вода со мерка и со тресење од страв.
17 Нека им снема леб и вода, нека се исушат заради своето беззаконие и нека изгинат еден по друг.