Езекиел 37 MKB

1 И се спушти врз мене Господовата рака, и Господ ме изведе во Својот Дух, и ме постави сред долина полна со коски.

2 Ме помина низ нив, насекаде околу нив, и ете, ги имаше во долината мошне многу, и беа сосем суви!

3 Ми рече: „Човечки сине, можат ли да оживеат овие коски?” Јас одговорив: „Господи Боже, тоа го знаеш само Ти!”

4 Тогаш ми рече: „Пророкувај им на овие коски и речи им: ‘О суви коски, чујте го Господовото слово!

5 Господ Бог им зборува вака на овие коски: „Еве, ќе вдахнам дух во вас, и ќе оживеете!

6 Ќе ве обложам со жили, ќе ве обложам со месо, ќе ве завиткам со кожа и ќе вдахнам дух во вас, и ќе оживеете - и ќе знаете дека Јас Сум Господ!”‘“

7 И јас почнав да пророкувам како што ми беше заповедано. И додека проповедав стана шушкање и помрднување, и коските почнаа да се собираат.

8 Погледнав, и ете, на нив пораснале жили и месо; се покрија со кожа, но уште немаше дух во нив.

9 И ми рече: „Пророкувај му на духот, човечки сине, пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Дојди од сите четири ветра, духу, и вдахни во овие трупови за да оживеат!”‘“

10 И почнав да пророкувам како што ми заповеда и духот влезе во нив и оживеаја и застанаа на нозе - многу, многу голема војска.

11 Ми рече: „Човечки сине, тие коски - тоа е сиот Израелев дом. Еве, тие велат: ‘Ни се осушија коските и ни пропадна надежта, загинавме!’

12 Затоа пророкувај и речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Јас ќе ги отворам вашите гробови, ќе ве изведам од вашите гробови народу Мој, и ќе ве одведам во Израелевата Земја!

13 И ќе знаете дека Јас Сум Господ, кога ќе ги отворам вашите гробови, Мој народу!

14 И ќе го вдахнам Својот Дух во вас за да оживеете, и ќе ве доведам, во вашата земја, и ќе знаете дека Јас, Господ, зборувам и правам - говори Господ Бог.’”

15 И ми дојде Господово слово:

16 ”А ти човечки сине, земи дрво и напиши врз него: ‘Јуда и Израелевите синови, неговите сојузници!’ Тогаш земи друго дрво и напиши врз него: ‘Јосиф - Ефремово дрво - и сиот Израелев дом, негов сојузник.’

17 И состави ги во едно дрво за да бидат како една во твојата рака!

18 А кога синовите на твојот народ те прашаат: ‘Сакаш ли да ни објасниш што значи тоа?’ -

19 Речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе го земам Јосифовото дрво, што е во Ефремовата рака, Јосифовото дрво и на Израелевите племиња, на неговите сојузници, и ќе го составам со Јудиното дрво та од нив ќе направам едно дрво; обата ќе бидат едно во Мојата рака.”‘

20 Обете дрва врз кои што ќе го напишеш ова, нека ти бидат во раката, пред нивните очи.

21 И речи им: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, ќе ги соберам Израелевите синови од народите во кои што дојдовте, ќе ги соберам отсекаде и ќе ги одведам во нивната земја.

22 И ќе направам од нив еден народ во земјата, во Израелевите гори и еден цар ќе им биде на сите, и тие веќе не ќе бидат два народа и не ќе бидат веќе разделени на две царства.

23 И веќе не ќе се онечистуваат со идолите, ни со своите грозотии, ни со пороците. Ќе ги избавам од сите нивни неверства со кои се огрешија, и ќе ги очистам, и тие ќе бидат Мој народ, а Јас нивен Бог.

24 А мојот слуга Давид ќе им биде Цар, и сите ќе имаат еден Пастир. Ќе живеат по Моите закони, пазејќи ги и вршејќи ги Моите наредби.

25 Ќе живеат во земјата што му ја дадов на Мојот слуга Јаков, во која што живееја вашите татковци: во неа ќе престојуваат и нивните синови, и синовите на нивните синови довека. И Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез довека.

26 Ќе склучам со нив завет на мир; тоа ќе биде вечен Завет со нив. Ќе ги утврдам и ќе ги умножам, и ќе го поставам Своето Светилиште меѓу нив засекогаш.

27 Моето живеалиште ќе биде меѓу нив, и Јас ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ!

28 И кога Моето Светилиште биде засекогаш меѓу нив, сите народи ќе знаат дека Јас Сум Господ, Кој го осветува Израел.”‘“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48