1 Потоа ме поведе кон вратата што гледаше на исток.
2 И ете, славата на Израелевиот Бог доаѓаше од исток; шумот и е како шум на големи води: и земјата блескаше од Неговата слава.
3 Тоа привидение што го гледав беше како привидот што го видов кога дојдов да го уништам градот и како привидението што го видов покрај реката Хевар, и паднав на лицето.
4 А Господовата слава влезе во Домот низ вратата што гледаше кон исток.
5 Тогаш Духот ме подигна и ме одведе во внатрешниот двор. И ете: Домот беше полн со Господовата Слава.
6 И чув глас што ми зборуваше од Домот, а некој стоеше покрај мене.
7 И ми рече: „Човечки сине, ова е местото на Мојот Престол ова е место на стапалките на Моите нозе: тука, сред Израелевите синови, ќе престојувам засекогаш. Израелевиот дом нема да го обесветува веќе Моето свето име - ни тие ни нивните цареви - со своето блудствување и со труповите на своите цареви, по нивните високи места.
8 Го ставија својот праг до Мојот, своите довратници до Моите, така што беше само ѕид меѓу Мене и нив, и го обесветуваа Моето свето име со гнасотиите што ги направија. И затоа ги сотрев во Својот гнев.
9 Сега тие ќе ги отстранат далеку од Мене своето блудствување и труповите на своите цареви, а Јас ќе престојувам засекогаш сред нив.
10 Човечки сине, покажи му го на Израелевиот дом овој Храм за да се засрамат од своите беззаконија. Нека му ги измерат размерите.
11 Ако се засрамат заради сè што направија, опиши им ги Храмот и неговите размери, неговите излези и влезови, сиот негов изглед сите прописи и сите закони; запознај ги и нацртај им, за да видат и да го чуваат и да ги исполнуваат сите негови нацрти и сите прописи за него.
12 А ова е закон за Домот: горе на врвот, сиот простор наоколу, ќе биде најсвета светина.
13 Ова се мерките на жртвеникот, со лакти - а лакотот тука, е лакот и една педа: подножјето на жртвеникот лакот долго, лакот широко; работ со кој е обрабен наоколу - една педа. Височината на жртвеникот:
14 од подножјето на земјата до долниот појас на жртвеникот - два лакта, а во широчина еден лакот; од помалиот појас до поголемиот четири лакти, а во широчина еден лакот.
15 А самиот жртвеник висок четири лакти. А од жртвеникот се дигаат нагоре четири рогови.
16 Жртвеникот: долг дванаесет лакти, широк дванаесет лакти, четириаголен, на сите четири страни.
17 А појасот: четиринаесет лакти долг и четиринаесет лакти широк, на четири страни; неговиот раб наоколу половина лакот, а подножјето околу него наоколу еден лакот; басамаците му гледаат кон исток.”
18 И ми рече: „Човечки сине, Господ Бог зборува вака: ‘Ова се жртвените прописи по кои, во свое време, треба да се подигне жртвеникот, за да се принесуваат на него паленици и за да се прска крв по него.
19 На свештениците левити, на Садоковите потомци, кои што пристапуваат кон Мене за да Ми служат - говори Господ Бог - ќе им дадеш јунче за жртва за грев.
20 Ќе ја земеш неговата крв и со неа ќе ги намачкаш четирите рогови на жртвеникот и четирите агли за да го очистиш и за да го осветиш.
21 Потоа земи го јунчето и изгори го на одделеното место на Домот надвор од Светилиштето.
22 Утреден принеси јарец без недостаток како жртва за грев, нека се очисти со него жртвеникот, како што беше очистен со јунчето.
23 А кога ќе го очистиш, принеси јунец без недостаток и овен без недостаток од стадото;
24 принеси ги пред Господа, а свештениците нека ги посипат со сол и нека Му ги принесат како паленица на Господа.
25 Седум денови, секој ден принеси по еден јарец за грев: и нека бидат принесени јунче и овен од стадото, обата без недостаток.
26 Седум денови нека го очистува жртвеникот и нека го очисти и осветува.
27 Откако ќе се исполнат тие денови, од осмиот ден натаму свештениците нека ги жртвуваат врз жртвеникот вашите паленици и жртви за грев; и ќе бидам милостив кон вас’ - говори Господ Бог.”