1 Тогаш извика во моите уши со голем глас и рече: „Казна за градот! Приближете се секој со своето гибелно оружје во раката!”
2 И ете, дојдоа шестмина луѓе од горната врата, што се свртени кон север, секој со гибелно оружје во раката. Меѓу нив имаше и еден облечен во ленена облека со писарски прибор во појасот. Тие влегоа и застанаа покрај бронзениот жртвеник.
3 А Славата на Израелевиот Бог се крена од херувот над кој што трепереше, кон прагот на Домот. И го повика човекот облечен во ленено кој имаше писарски прибор во појасот,
4 И Господ му рече: „Помини низ градот Ерусалим и обележи ги со знакот ‘тау’ челата на сите што тажат и плачат заради гнасностите што се прават во него!”
5 А на другите им рече пред моите уши: „Тргнете по него низ градот и убивајте без милосрдие. Вашите очи нека не се сожалат и немајте милост.
6 Погубете ги старците, младинците, девојките децата и жените; истребете ги сите до последниот. Но, врз кого ќе биде знакот ‘тау’ него не го зафаќајте. Почнете од Моето светилиште!” И тие почнаа од старешините, кои што стоеја пред Домот.
7 И им рече: „Обесветете го Мојот Дом и наполнете му го дворот со трупови! Тргнете!” И тие излегоа та почнаа да убиваат низ градот.
8 Додека тие погубуваа, јас останав, се фрлив ничкум и завикав: „Ох Господи, Господи! Зар навистина ќе ги уништиш сите што останаа од Израел, за да го излееш Својот гнев над Ерусалим?”
9 Тој ми рече: „Мошне е големо беззаконието на Израелевиот дом и на Јудиниот дом; земјата е полна со крв, а градот преполн со разврат.” Зборуваат: „Господ ја остави земјата! Господ не гледа!”
10 И затоа Моите очи нема да се сожалат, и нема да им се смилуваат: нивните дела ќе им ги оборам врз главата!
11 И ете, човекот облечен во ленена облека што имаше писарски прибор во појасот, ја јави веста: „Сторив како што ми заповеда!”