Езекиел 36 MKB

1 ”Човечки сине, пророкувај им на Израелевите Гори и речи: ‘О Израелеви Гори, чујте го Господовото слово:

2 Така зборува Господ: „Вашите непријатели зборуваат за вас: ‘Ха! Ха! Наша сопственост ќе станат вечните височини!’”‘

3 И затоа пророкувај и речи: ‘Господ Бог зборува вака: „Од сите страни ве запустуваат и ограбуваат за да им бидете сопственост на другите народи, и им дојдовте на јазиците на клеветничките луѓе.”

4 Затоа, Израелеви Гори чујте го Господовото слово! Господ Бог им зборува вака на горите и брежињата, на котлините и на долините, на запустените урнатини и на напуштените градови, кои што им станаа плен и потсмев на другите народи наоколу

5 и така, Господ Бог зборува вака: „Навистина ви зборував за огнот на Мојата ревност против другите народи, против сиот Едом, кој што со радост во срцето и со омраза во душата ја присвои за себе во сопственост Мојата земја, за да ја ограбат.”‘

6 Затоа пророкувај за Израелевата Земја! Речи им на горите и на брежињата, на котлините и на долините: ‘Господ Бог зборува вака: „Еве, зборувам во Мојата ревност и јарост зашто требаше да го носите укорот на народите.”

7 Затоа Господ Бог зборува вака: „Еве, дигам рака и се колнам: Народите што се околу вас сами ќе го носат својот срам.

8 А вие, Израелеви гори, разгранчете се и донесете му род на народот што ќе дојде скоро.

9 Зашто, еве Ме кај вас! Се обратив кон вас, и ќе ве одгледувам и ќе ве посејам.

10 Ќе ги размножам луѓето по вас, - сиот Израелев дом - ќе ви ги населам градовите, ќе ги кренам пак вашите урнатини!

11 Ќе ги размножам по вас луѓето и животните, тие ќе се намножат и ќе се наплодат - та ќе ве населам како некогаш и ќе ве опсипам со добра повеќе отколку порано! И ќе знаете дека Јас Сум Господ!

12 Ќе доведам кај вас луѓе, Свој народ, Израел, и ќе те завладее, и ќе им бидеш наследство, и веќе нема да им ги одземаш децата.”

13 Господ Бог зборува вака: „А што се зборува за тебе: ‘Ти си земја што ги јаде луѓето и што им ги одзема децата на својот народ’ -

14 ти веќе не ќе ги голташ лакомо луѓето, ниту ќе му ги одземаш децата на својот народ - зборува Господ Бог.

15 Не дозволувам веќе да го слушаш укорот на незнабожците, не давам веќе да им бидеш за срам на народите; нема веќе да им ги одземаш децата на својот народ - говори Господ Бог.’”

16 Ми дојде Господвото слово:

17 ”Човечки сине, кога Израелевиот дом уште живееше во својата земја, ја обесвети со своите неправди и со своите патишта. Нивните патишта беа пред Мене како нечистота на нечиста жена.

18 И затоа го излеав Својот гнев заради крвта што ја пролеаја и заради идолите со кои се обесветија.

19 Ги распрснав меѓу народите и ги расеав по земјите. Им судев според нивните патишта и неправди.

20 Ама во народите меѓу кои дојдоа, меѓу сите народи во кои стигнаа, го обесветуваа Моето свето име, зашто за нив се зборуваше: ‘Тоа е Господовиот народ, а требаше да си отиде од Господовата земја!’

21 И Мене Ми се сожали за Моето свето име што Изрелевиот дом го обесвети во народите меѓу кои што дојде.

22 Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Што правам не правам заради вас, Израелев дому, туку заради Своето свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте.

23 Јас ќе го посветам Своето големо свето име, што вие го обесветивте меѓу народите кај кои дојдовте! И народите ќе знаат дека Јас Сум Господ - говори Господ Бог - кога врз вас, пред нивни очи, ќе ја покажам Мојата светост.

24 Тогаш ќе ве соберам од сите народи и ќе ве приберам од сите земји, ќе ве доведам назад во вашата земја.

25 Ќе ве попрскам со чиста вода, за да се исчистите. Ќе ве очистам од сите ваши нечистотии и од сите ваши идоли.

26 Ќе ви дадам ново срце, и ќе вдахнам нов дух во вас! Ќе го извадам каменото срце од вашето тело и ќе ви дадам срце од месо.

27 Ќе го вложам Мојот Дух во вас внатре, за да одите по Моите закони и за да ги пазите и вршите Моите наредби.

28 И ќе се населите во земјата која им ја дадов на вашите татковци и ќе бидете Мој народ, а Јас ќе бидам ваш Бог.

29 Ќе ве избавам од сите ваши нечистотии и ќе го повикам житото и ќе го умножам, и никогаш веќе нема да ве подложам на глад.

30 Ќе го умножам плодот на дрвата и родот на нивите, за да не го носите веќе заради гладот и срамот меѓу народите.

31 И тогаш ќе си спомните за своите лоши патишта и неправди, и сами ќе се замразите себеси заради своите беззаконија и гадости.

32 А што правам, знајте добро, не правам заради вас - говори Господ Бог! Срамете се и засрамете се заради своите патишта, Израелев дому!”

33 Господ Бог зборува вака: „А кога ќе ве очистам од сите ваши беззаконија, ќе ги населам пак вашите градови и ќе ги изградам урнатините;

34 запустената земја, некогаш пустина пред очите на секој минувач, пак ќе биде обработена.

35 Тогаш ќе се рече: ‘Еве ја земјата што беше пуста, а стана како Еденската Градина! Ете, градовите што беа пусти, само урнатини и разурнатини, а сега се утврдени и населени!’

36 И народот околу вас што остана ќе познае дека Јас, Господ, разурнатото пак го градам, и тоа што беше запустено, пак го садам. Јас, Господ, реков и ќе направам!”

37 Господ Бог зборува вака: „Еве, уште во тоа ќе ја пројавам Мојата милост кон Израелевиот дом: ќе им ги умножам луѓето како стада.

38 Како што има многу овци во Ерусалим во време на неговите празници, така ќе бидат полни со луѓе запустените градови; и ќе знаат дека Јас Сум Господ.”‘“

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31 32 33 34 35 36 37 38 39 40 41 42 43 44 45 46 47 48