Езекиел 10:1-7 MKB

1 Погледнав и ете, на сводот над главите на херувите се појави нешто како каменот сафир, како нешто слично на престол.

2 И му прозбори на човекот облечен во ленено: „Влези меѓу колцата под херувите, земи полн грст жар меѓу херувите и истури ја над градот!” - И тој пред моите очи влезе меѓу херувите.

3 А херувите стоеја од десната страна на Домот кога човекот влезе меѓу нив. И облакот го исполни сиот внатрешен двор.

4 А Славата Господова се крена од херувите кон прагот на Домот. Домот се исполни со облакот, а светлината на Господовата Слава го исполни дворот.

5 Шумот на херувските крила се слушаше сè до надворешниот двор, како гласот на Сèсилниот Бог, кога Тој зборува.

6 А кога тој му заповеда на човекот облечен во ленено: „Земи оган меѓу колцата што се под херувите”, човекот влезе и застана покрај тркалата.

7 Едниот херув ја протегна раката кон огнот, што беше меѓу херувите, го зеде и го стави во рацете на човекот облечен во ленена облека. Тој го прими и излезе.