Езекиел 12:12-18 MKB

12 Нивниот кнез ќе треба да го стави врзулецот на рамена и да излезе по темна ноќ. Ќе го продупчи ѕидот за да излезе низ него, и лицето ќе го покрие со рацете, за да не ја види земјата.

13 Јас ќе му оптегнам мрежа и ќе се фати во Мојата стапица, и ќе го одведам во Вавилон, во Халдејската земја. Но тој нема да ја здогледа и таму ќе го остави животот.

14 А сите оние околу него, помошниците и четите, ќе ги распрснам во сите ветришта и ќе го извлечам Својот меч против нив.

15 А кога ќе ги распрснам меѓу народите и кога ќе ги расеам по земјите, ќе знаат дека Јас Сум Господ.

16 Сепак, ќе оставам малкумина што ќе му избегаат на мечот, на гладот и на поморот, за да ги раскажуваат своите гадности меѓу народите каде ќе стигнат, нека се знае дека Јас Сум Господ.”

17 И ми дојде Господово слово:

18 ”Човечки сине, јади леб загрижено и пиј вода со тресење од страв и со трепет!