Езекиел 16:35-41 MKB

35 Затоа, развратнице, чуј го Господовото слово:

36 Господ Бог зборува вака: „Зашто ја соблекуваше својата срамота и во блудство ја откриваше својата голота пред сите свои љубовници и пред гнасните идоли, и заради крвта на своите синови што им ги принесуваше ним,

37 еве, ќе ги соберам сите твои љубовници со кои што се насладуваше, сите кои што ги сакаше и ги мразеше, ќе ги соберам отсекаде против тебе и ќе им ја откријам твојата голота за да ја видат целата твоја срамота.

38 Ќе ти судам како што им се суди на прељубниците и на крвниците, и ќе те предадам на нивниот бес.

39 Ќе те предадам во нивните раце за да ги разурнат твоите блудилишта за да ги срушат твоите високи места. И ќе ги скинам облеките од тебе, ќе ти го грабнам накитот и ќе те остават гола, сосем разголена.

40 А потоа ќе доведат многу луѓе против тебе, за да те каменуваат и за да те исечат со мечеви.

41 Ќе ти ги изгорат куќите со оган и пред очите на сите жени ќе ја извршат правдата над тебе. Така ќе го докрајчам твоето блудствување, не ќе даваш веќе блудничка плата.