Езекиел 16:40-46 MKB

40 А потоа ќе доведат многу луѓе против тебе, за да те каменуваат и за да те исечат со мечеви.

41 Ќе ти ги изгорат куќите со оган и пред очите на сите жени ќе ја извршат правдата над тебе. Така ќе го докрајчам твоето блудствување, не ќе даваш веќе блудничка плата.

42 Ќе го излеам својот гнев над тебе и ќе ја повлечам Својата ревност од тебе. Ќе се смирам и веќе не ќе се гневам.

43 И бидејќи не си спомна за својата младост, туку со сè тоа Ме предизвикуваше ќе ги оборам врз твојата глава сите твои постапки - зборува Господ Бог! Веќе не ќе додаваш бесрамности кон сите свои гнасности.

44 Еве, составувачот на пословици ќе ти се потсмее со поговорката ‘Каква мајка таква ќерка.’

45 Вистинска си ќерка на својата мајка, која ги остави мажот и децата; сестра си на своите сестри, кои ги оставија своите мажи и децата: мајка ви беше Хетејка, а таткото Амореец:

46 Самарија, твојата постара сестра, со своите ќерки ти стои тебе одлево; Содом, твојата помлада сестра, со своите ќерки ти стои оддесно.