Езекиел 20:15-21 MKB

15 Но им се заколнав во пустината дека нема да ги воведам во земјата што им ја дадов, во земјата низ која течат мед и млеко, најубава од сите земји,

16 зашто ги отфрлија Моите закони, и не одеа по Моите заповеди, и ги обесветуваа моите саботи, а срцето им одеше по нивните идоли.

17 Моите очи сепак се сожалија за да не ги сотрам. И така не ги уништив во пустината.

18 Туку им реков на нивните синови во пустината: ‘Не одете по заповедите на вашите татковци, не ги пазете нивните закони и не се осквернувајте со нивните идоли!

19 Зашто Јас Сум Господ, ваш Бог! Одете по Моите заповеди пазете ги и исполнувајте ги Моите закони,

20 и празнувајте ги Моите саботи, тие нека бидат знак меѓу Мене и вас за да се знае дека Јас Сум Господ, ваш Бог!’

21 Но и синовите се одметнаа од Мене, не одеа по Моите заповеди, и не ги пазеа ни постапуваа по Моите закони, кои што секој треба да ги исполнува за да живее, а Моите саботи ги онечистија. И затоа одлучив да го излеам Мојот гнев и да ја излеам Својата јарост врз нив во пустината.