Езекиел 20:26-32 MKB

26 И им попуштив да се онечистуваат со своите жртвени приноси, поминувајќи ги низ оган своите првороденчиња, за да ги истребам, за да знаат дека Јас Сум Господ.”‘

27 Човечки сине, речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „И со ова уште Ме навредија вашите очи: со неверство Ме изневерија!

28 Кога ги воведов во земјата за која им се заколнав дека ќе им ја дадам, каде и да согледаа возвишено бреже или разгранчено дрво, принесуваа жртви, донесуваа предизвикувачки приноси, ставаа пријатни мириси, ставаа налевници.

29 Ги прашав: ‘Што ли значи тоа возвишение на кое се искачувате?’ И така остана името „Бама”, Возвишение, до денешниот ден.”‘

30 Затоа речи му на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Не се онечистивте ли вие како вашите татковци, не правите ли и вие блудство со нивните гадости?

31 Се валкате принесувајќи им дарови, поминувајќи ги низ оган своите синови во чест на сите свои идоли се до денешниот ден. И тогаш да Ме прашаш за совет доме Израелев! Животот Ми Мој - говори Господ Бог - нема да Ме прашате за совет!

32 И нема да се случи за што сонувате, кога зборувате: ‘Ќе бидеме како другите народи, како народите на другите земји што им служат на дрвата и на камењата.’