Езекиел 21:23-29 MKB

23 Но ним ќе им се стори дека знакот е лажен, зашто му се заколнаа на верност. Но тогаш тој ќе ги потсети на нивното неверство во кое се фатија.

24 Затоа, Господ Бог зборува вака: ‘Зашто непрекратно потсетувате на своите беззаконија, откривајќи ги опачините и покажувајќи ги гревовите во сите свои дела - да, зашто непрекратно потсетувате на нив, во нив ќе се фатите.

25 А тебе, нечесен и безбожен Израелев водачу, тебе ти дојде денот и часот на последниот злостор.’

26 Господ Бог зборува вака: ‘Извади ја капата од главата и остави го царскиот венец! Зашто сè се менува: кој беше долу, ќе биде возвишен, а кој беше горе ќе биде понижен.

27 урнатини, урнатини, ќе поставам урнатини какви што не биле, додека не дојде Оној Кој ќе суди, зашто Јас ќе Му Го предадам судот.’

28 Човечки сине, пророкувај: ‘Вака им зборува Господ Бог на Амоновите синови за нивниот срам.’ Речи: ‘Меч! Меч истрган и наострен за колеж, за да сече, за да светка како молња,

29 а дотогаш тебе напразно ти привидуваат, ти пророкуваат лага - за да се стави под вратот на злогласните злосторници, на кои ете, им дојде денот и часот на последниот злочин!