15 Затоа ќе те распрснам меѓу народите, ќе те расеам по земјите, за да ја отстранам од тебе сета нечистота!
16 И пак ќе бидеш Мое наследство пред очите на народите. И ќе знаеш дека Јас Сум Господ!”‘“
17 Ми дојде Господово слово:
18 ”Човечки сине, Израелевиот дом ми стана талог: бронза, калај, железо и олово во печка - сите тие се отпадок!
19 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи ми станавте талог, ќе ве соберам, еве, во Ерусалим.
20 Како што се собира среброто, бронзата, железото, оловото и калајот во печка, та наоколу се раздувува огнот, за да се растопи сè така и Јас ќе ве соберам во Својот гнев и во својата јарост, ќе ве сложам и ќе ве растопам.
21 Да, ќе ве соберам и ќе го раздувам околу вас огнот на Мојата јарост, за да се растопите сред градот.