Езекиел 27:6-12 MKB

6 од васанските дабови ти изделкаа весла, од слоновата коска и од буковото дрво од Китимските Острови, ти ги направија седиштата!

7 Од везениот египетски лен ти беа едрата, за да ти бидат знаме! А синото и пурпурното од Елиските Острови ти ги ставија за покриви.

8 Жителите на Сидон и Арвад ти беа веслачи, а твоите мудреци, Тиру, ти беа кормилари!

9 Гевалските старешини и вештаци ги поправуваа твоите расипани нешта. Сите морски бродови и морнари беа твои и тргуваа со тебе!

10 Персијанците, Лудејците и Путејците беа војници во твојата војска, во тебе ги обесуваа штитовите и кацигите; тие ти даваа блесок.

11 Арвадските синови со војниците на ѕидовите твои наоколу, ти ги чуваа стражарниците. На ѕидовите наоколу ги бесеа штитовите за да ја возвеличат твојата единствена убавина!

12 Заради твоето големо богатство дури и Тарсис тргуваше со тебе плаќајќи го со сребро и железо, со олово и со калај твоето производство.