Езекиел 3:20-26 MKB

20 Исто така, ако праведник се одврати од својата праведност и почне да прави неправда, ќе му поставам стапица, и ќе умре зашто ти не го опомена заради неговиот грев; ќе умре, и неговите праведни дела веќе не ќе се спомнуваат, ама од тебе ќе ја барам сметката за неговата крв.

21 Ако ти го опоменеш праведникот да не греши, и тој навистина прекрати да греши, ќе живее, зашто ја прифати опомената, а ти ќе го спасиш својот живот.”

22 Таму пак ме зафати Господовата рака, и Тој ми рече: „Стани и слези во долината, за да зборувам таму со тебе!”

23 Тогаш станав и слегов во долината, и ете: Господовата слава стоеше таму, слична на Славата што ја видов при реката Хевара, та паднав ничкум.

24 Господовиот Дух влезе во мене, ме исправи на нозе и рече: „Оди и затвори се во својот дом!

25 Врз тебе, еве, човечки сине, ќе ставам јажиња и ќе те врзам, и веќе не ќе излегуваш.

26 И јазикот ќе ти го залепам за непцето, та ќе онемиш и веќе не ќе ги кориш, зашто се одметнички род.