Езекиел 31:10-16 MKB

10 Затоа Господ Бог зборува вака: ‘Бидејќи се воздигна на високо и нарасна врвот меѓу густите гранки, и од височината му се занесе срцето,

11 затоа го предадов во рацете на најмоќниот од сите народи за да направи со него според неговото беззаконие, и го отфрлив.

12 Туѓинците, најжестоки од народите, го пресекоа и ги оборија гранките, му паѓаа по горите и по сите долини, гранките му се скршија по сите котлини, сите народи се оддалечија од неговата ладовина, го оставија!

13 Сите небесни птици слетаа на неговото оборено стебло! Сите полски животни се настанија меѓу неговите гранки!

14 За да не се возвиши веќе со својот раст ниедно дрво покрај вода, и за да не го издигне својот врв до облаците! И за да ниедно дрво, што пие вода, не се надева во својата височина! Зашто сите и се предадени на смртта, фрлени во подземните краишта, сред човечките синови, со оние што слегуваат во јамата!’

15 Господ Бог зборува вака: ‘Во денот кога тој ќе слезе во Подземјето, во знак на жалост, ја затворив над него бездната и ги запрев неговите реки. И големите води пресушија, та сиот Ливан го замрачи по него и сите полски дрва се осушија заради него!

16 Со трескавицата од неговото паѓање ги стресов народите кога го фрлив главечки во Подземјето, со оние што слегоа во јамата! И во подземниот крај се утешија сите еденски дрва, најизбраните и најубавите во Ливан, сите што ја пиеја водата.