Езекиел 33:11-17 MKB

11 Одговори им: ‘Животот Ми Мој - говори Господ Бог - Мене не Ми е до смртта на безбожникот, туку да се одврати од својот лош пат и да живее! И така, обратете се од својот лош пат! Зошто да умрете, Израелев дому!’

12 Човечки сине, речи им на синовите на својот народ: ‘Праведникот нема да го избави неговата праведност во денот кога ќе согреши, ниту безбожникот ќе страда заради својата безбожност во денот кога ќе се одврати од неа, како што ни праведникот не ќе може да остане во живот во денот кога ќе согреши.’

13 Ако му речам на праведникот: ‘Ќе живееш!’ а тој почне да се надева во својата праведност и почне да прави неправда, ќе ја заборавам сета негова праведност, и тој ќе умре заради неправдата што ја направи!

14 Ако му речам на безбожникот: ‘Ќе умреш!’ а тој се одврати од својот грев и почне да прави по законот и правдата;

15 го враќа залогот, го плаќа ограбеното, не правејќи беззаконија - ќе живее, нема да умре!

16 И сите гревови што ги имаше направено ќе му бидат заборавени. Работи според законот и правдата, ќе живее!

17 Но синовите на твојот народ говорат: ‘Господовиот пат не е праведен!’ Нивниот пат не е праведен!