Езекиел 33:7-13 MKB

7 И тебе, човечки сине, те поставив за стражар на Израелевиот дом: кога ќе чуеш слово од Мојата уста, опомени ги во Мое име.

8 Ако му речам на безбожникот: ‘Безбожнику, ќе умреш!’ - а ти не проговориш и не го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, безбожникот ќе умре заради својот грев, ама неговата крв ќе ја барам од твојата рака.

9 Но ако го опоменеш безбожникот за да се врати од својот лош пат, а тој не се врати од својот пат: тој ќе умре заради својот грев, а ти ќе го спасиш својот живот.

10 Човечки сине, речи му на Израелевиот дом. ‘Вие зборувате: „Нашите престапи и гревови нè притискаат и пропаѓаме заради нив. И уште да живееме?”‘

11 Одговори им: ‘Животот Ми Мој - говори Господ Бог - Мене не Ми е до смртта на безбожникот, туку да се одврати од својот лош пат и да живее! И така, обратете се од својот лош пат! Зошто да умрете, Израелев дому!’

12 Човечки сине, речи им на синовите на својот народ: ‘Праведникот нема да го избави неговата праведност во денот кога ќе согреши, ниту безбожникот ќе страда заради својата безбожност во денот кога ќе се одврати од неа, како што ни праведникот не ќе може да остане во живот во денот кога ќе согреши.’

13 Ако му речам на праведникот: ‘Ќе живееш!’ а тој почне да се надева во својата праведност и почне да прави неправда, ќе ја заборавам сета негова праведност, и тој ќе умре заради неправдата што ја направи!