Езекиел 37:23-28 MKB

23 И веќе не ќе се онечистуваат со идолите, ни со своите грозотии, ни со пороците. Ќе ги избавам од сите нивни неверства со кои се огрешија, и ќе ги очистам, и тие ќе бидат Мој народ, а Јас нивен Бог.

24 А мојот слуга Давид ќе им биде Цар, и сите ќе имаат еден Пастир. Ќе живеат по Моите закони, пазејќи ги и вршејќи ги Моите наредби.

25 Ќе живеат во земјата што му ја дадов на Мојот слуга Јаков, во која што живееја вашите татковци: во неа ќе престојуваат и нивните синови, и синовите на нивните синови довека. И Мојот слуга Давид ќе им биде Кнез довека.

26 Ќе склучам со нив завет на мир; тоа ќе биде вечен Завет со нив. Ќе ги утврдам и ќе ги умножам, и ќе го поставам Своето Светилиште меѓу нив засекогаш.

27 Моето живеалиште ќе биде меѓу нив, и Јас ќе бидам нивен Бог, а тие Мој народ!

28 И кога Моето Светилиште биде засекогаш меѓу нив, сите народи ќе знаат дека Јас Сум Господ, Кој го осветува Израел.”‘“