Езекиел 39:8-14 MKB

8 Еве доаѓа и ќе се збидне - зборува Господ Бог! Тоа е денот за кој што зборував!

9 Ќе излезат жителите на Израелевите градови, ќе запалат оган и ќе ги изгорат оружјето, штитовите, лаковите и стрелите, копјата и сулиците - со нив ќе палат оган седум години.

10 Не ќе носат дрва од полето ниту ќе сечат по горите, туку ќе го палат огнот со оружје. И ќе ги запленат оние што нив ги пленеа, ќе ги ограбат оние што нив ги ограбуваа” - говори Господ Бог.

11 Во оној ден ќе му дадам на Гога за гроб прочуено место во Израел: долината Абарим, источно од Морето, што им го затворува патот на минувачите; таму ќе ги закопаат Гога и сето негово мноштво. И долината ќе се нарече Хамон-Гога (Гогови множества).

12 И домот Израелев ќе ги закопува седум месеци за да ја очистат земјата.

13 И сиот народ ќе ги закопува, ќе им биде славен денот во кој ќе се прославам, говори Господ Бог.

14 Ќе изберат луѓе да поминуваат непрекратно низ земјата, со помош на минувачите ќе ги закопуваат останатите на земјата, за да ја очистат; а после седум месеци ќе направат проверка.