Езекиел 43:10-16 MKB

10 Човечки сине, покажи му го на Израелевиот дом овој Храм за да се засрамат од своите беззаконија. Нека му ги измерат размерите.

11 Ако се засрамат заради сè што направија, опиши им ги Храмот и неговите размери, неговите излези и влезови, сиот негов изглед сите прописи и сите закони; запознај ги и нацртај им, за да видат и да го чуваат и да ги исполнуваат сите негови нацрти и сите прописи за него.

12 А ова е закон за Домот: горе на врвот, сиот простор наоколу, ќе биде најсвета светина.

13 Ова се мерките на жртвеникот, со лакти - а лакотот тука, е лакот и една педа: подножјето на жртвеникот лакот долго, лакот широко; работ со кој е обрабен наоколу - една педа. Височината на жртвеникот:

14 од подножјето на земјата до долниот појас на жртвеникот - два лакта, а во широчина еден лакот; од помалиот појас до поголемиот четири лакти, а во широчина еден лакот.

15 А самиот жртвеник висок четири лакти. А од жртвеникот се дигаат нагоре четири рогови.

16 Жртвеникот: долг дванаесет лакти, широк дванаесет лакти, четириаголен, на сите четири страни.