Езекиел 44:17-23 MKB

17 Кога ќе влегуваат низ вратата на внатрешниот двор, нека облечат ленени облеки: нека нема врз нив ништо волнено кога ќе служат при вратата на внатрешното предворје и на Домот.

18 Нека носат ленени капи на главите, ленени гаќи околу половината: нека не се препашуваат со ништо од што би се потеле.

19 Кога ќе излегуваат во надворешниот двор кон народот, нека ги соблечат облеките во кои што служеа и нека ги остават во просториите на Светилиштето, а нека облечат други облеки, за да не го посветат народот со своите облеки.

20 И нека не ги бричат главите, а нека не пуштаат ни долги коси туку нека ја стрижат косата.

21 И ниеден свештеник, кога треба да влезе во внатрешниот двор, нека не пие вино.

22 Нека не се женат со вдовица или со разведена, туку само со девојка од Израелевиот род или со свештеникова вдовица.

23 Нека ми го учат народот: да го разликуваат светото од несветото, да го делат нечистото од чистото.