Езекиел 44:2-8 MKB

2 И Господ ми рече: „Оваа врата ќе биде затворена; нека не се отворува, и никој нека не влегува низ неа, зашто Јас, Господ, Израелевиот Бог, поминав низ неа - затоа нека биде затворена.

3 Само кнез, зашто е кнез, смее да седне тука и да јаде пред Господа; тогаш нека влезе низ тремот на вратата и нека излезе по истиот пат.”

4 Потоа ме одведе кон северната врата пред Домот. Погледнав, и ете: Господовата Слава го беше наполнила Господовиот Дом. Паднав на лице.

5 Господ ми рече: „Човечки сине, внимавај грижливо, гледај добро и слушај внимателно што ќе ти речам за сите уредби на Господовиот Дом и за сите Негови закони. Внимавај добро кој смее да влезе во Домот и кој е одделен од Светилиштето.

6 Речи му на бунтовничкиот род, на Израелевиот дом: ‘Господ Бог зборува вака: „Веќе се премногу вашите гадости, Израелев дому!

7 Воведувате туѓинци, со необрезано срце и со необрезано тело, та влегоа во Моето Светилиште и го обесветија Мојот дом додека вие ги принесувавте Мојот леб и мрсното и крвта, и така го раскинавте Мојот Завет, со сите тие расипаности.

8 Самите не ја чувавте Мојата светина, туку нив ги наместивте место себеси како чувари во Моето Светилиште.”