Езекиел 46:11-17 MKB

11 На празниците и на свечените денови нека се принесува лебен принос по ефа на јунец и по ефа на овен, а на јагне колку кој може и по ин масло на ефа.

12 Кога кнезот ќе сака да Му принесе доброволна паленица или доброволна жртва благодарница на Господа, нека му ја отворат вратата што гледа кон исток, па нека ја принесе паленицата и својата жртва благодарница како во саботен ден; потоа нека излезе а кога ќе излезе, вратата нека се затвори.

13 Секој ден ќе Му принесуваш на Господа за паленица јагне годиначе, без недостаток; ќе го принесуваш секое утро.

14 А лебниот принос со него принесувај го секое утро по шестина ефа и по третина ин масло, за да се попрска брашното; тоа нека Му биде лебен принос на Господа според вечна уредба.

15 И така треба да се принесуваат јагне, лебен принос и масло секое утро постојано како паленица.”

16 Господ Бог зборува вака: „Ако кнезот му даде подарок на некој свој син од своето наследство, тој дар ќе им припадне ним во сопственост како наследство.

17 Ако од своето наследство му даде подарок на некој свој слуга, тоа ќе му припаѓа нему до ослободувачката година, а потоа нека му биде вратен на кнезот; наследството им припаѓа само на кнезовските синови.