Изреки 1 MKB

1 Мудри пословици на Соломон, Давидовиот син, израелскиот цар:

2 За да се сознае мудроста и поуката, за да се сфатат благоразумните зборови;

3 за да се прими умна поука, правда, правосудство и правичност;

4 за да им се даде памет на неискусните; знаење и умеење на младиот човек;

5 кога мудриот чуе, да биде уште помудар, а разумниот да стекне помудри мисли;

6 за да ги разбере пословиците и приказните, зборовите на мудреците и нивните загатки.

7 Стравот од Господа е почеток на мудроста, но безумните ги презираат мудроста и поуката.

8 Сине мој, послушај ја поуката на својот татко и не отфрлај го учењето на својата мајка!

9 Зашто ќе ти бидат милостив венец на главата и ѓердан околу твојот врат.

10 Сине мој, ако грешниците те мамат, не се согласувај;

11 ако ти речат: „Дојди со нас, да дебнеме крв, да чекаме во заседа невини за ништо;

12 како гроб живи да ги проголтаме, и цели како оние, што слегуваат во гроб;

13 ќе заплениме секакво благо, ќе ги наполниме своите куќи со плен;

14 ќе го фрлаш со нас својот жреб, сите заедно ќе имаме едно ќесе.”

15 Сине мој, не оди со нив на пат, тргни ја ногата од нивните патеки,

16 зашто кон зло трчаат со своите нозе и итаат да пролеваат крв.

17 Зашто напразно е да се оптегнува мрежа, пред очите на сите птици.

18 А тие ја дебнат сопствената крв, поставуваат заседа за своите души.

19 Такви се патиштата на сите лакоми за пари, на завладеаните од нив им го одзема животот.

20 Премудроста извикува гласно на улица, го подига својот глас на плоштадите;

21 проповеда по бучни агли, при отворените градски врати, ги говори своите зборови:

22 „До кога, вие глупави, ќе ја љубите глупоста, и до кога на потсмевачите ќе им биде мило потсмевањето, и до кога безумниците ќе го мразат знаењето?

23 Послушајте ја мојата опомена! Ете, го излевам својот дух пред вас, сакам да ве поучам со свои зборови.

24 Колку ве повикував, а вие одбивавте; ја испружував раката, но никој не ја забележа;

25 туку го отфрливте секој мој совет и не ги послушавте моите опомени.

26 Затоа и јас ќе се смеам на вашата пропаст, ќе се потсмевам кога ќе ве снајде тешкотија;

27 кога стравот ќе навали врз вас како невреме и кога пропаста ќе ве грабне како виор, кога ќе се навалат врз вас неволјата и маката.

28 Тогаш ќе ме викате, но јас нема да одговарам; ќе ме барате, но нема да ме најдете.

29 Зашто го мразеа знаењето и не го избраа Господовиот страв,

30 ниту го послушаа мојот совет, туку ја презреа секоја моја опомена.

31 Затоа ќе јадат плод од своето владеење и ќе се наситат со сопствени совети.

32 Зашто глупавите ќе ги убие нивното одбивање, а безумните ќе ги уништи невниманието,

33 а кој ме слуша мене, останува безгрижен и живее спокојно без страв од зло.”

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31