1 И овие се Соломонови поуки, кои ги собраа луѓето на Езекија, царот јудејски:
2 Слава Божја е да крие работа, а царската слава да ја истражува.
3 Неистражливи се: небото во височината, земјата во длабочината и царевото срце.
4 Отстрани ја згурата од среброто и ќе успее работата на златарот.
5 Отстрани го нечесниот од пред царот и неговиот престол ќе се зацврсти во правда.
6 Не воздигнувај се пред царот, и не седнувај на местото на големците,
7 зашто е подобро да ти се рече: „Искачи се горе”, отколку да те понижат пред начелникот.
8 Тоа што ти го видоа очите не го изнесувај пребргу на расправа; зашто што ќе направиш на крајот, кога ќе те засрами и твојот ближен?
9 Реши го спорот со својот ближен, и не откривај ја тајната на друг,
10 за да не те укори кој ќе чуе, и твојот углед срушен да биде.
11 Зборови кажани во право време, се златни јаболки во сребрени садови.
12 Мудрецот што изобличува е златен прстен и ѓердан од тенко злато за внимателното уво.
13 Верниот гласник, за оној што го праќа, е како снежна ладовина во време на жетва: тој ја крепи душата на својот господар.
14 Кој се фали со лажлив дар, тој е како облак и ветер без дожд.
15 Со воздржливост се ублажува управител, а мекиот јазик крши и коски.
16 Кога ќе најдеш мед, јади умерено, за да не се прејадеш и да го изблуваш изеденото.
17 Ретко влегувај во куќата на твојот ближен, да не се засити од тебе и да те замрази.
18 Човек кој сведочи лажно против својот ближен, тој е како палица, и меч, и остра стрела.
19 Безбожничката надеж во денот на неволјата, е како гнил заб и нога што трепери.
20 Како оној што соблекува облека во зимски ден или потурува киселина врз раната, таков е оној што му пее песна на ожалостено срце.
21 Ако е гладен твојот непријател, нахрани го со леб, и ако е жеден, напој го со вода,
22 зашто така му натрупуваш жар на главата, и Господ ќе те награди.
23 Северниот ветер донесува дожд, а потајниот јазик - разгневено лице.
24 Подобро е да се живее под работ на покривот, отколку во заедничка куќа со препирлива жена.
25 Како студена вода за жедно грло, таква е добрата вест од далечна земја.
26 Како затрупан кладенец и заматен извор, таков е праведникот кој трепери пред нечесниот.
27 Да се јаде многу мед не е добро, ниту да се бара претерана слава.
28 Разурнат град и без ѕидови, таков е човекот, кој нема власт над себеси.