Изреки 20 MKB

1 Виното е потсмевнувач, жестокиот пијалак буен; и кој им се оддава, не е разумен.

2 Царевиот гнев е како лавско рикање; кој го предизвикува, греши против самиот себе.

3 Чест е за човекот да се воздржи од препирка, а кој е безумен, ја почнува препирката.

4 Мрзливиот несака да оре поради зимата, во времето на жетвата тој бара и ништо нема.

5 Советот во човековото срце е длабока вода, и разумниот човек ќе ја исцрпи.

6 Мнозина се наречуваат: добротвори, но кој ќе најде верен човек?

7 Праведникот оди во својата непорочност, блазе им на неговите синови по него!

8 Царот кој седнува на судиска столица, го истражува секое зло со своите очи.

9 Кој може да рече: „Го очистив своето срце, јас сум чист од мојот грев?”

10 Двојните тегови и двојните мерки, двете Му се омразени на Господа.

11 И детето се познава според она што го прави, дали е чисто и праведно неговото дело.

12 И увото што слуша и окото што гледа, Господ ги направи двете.

13 Не сакај го спиењето за да не осиромашиш, отвори ги своите очи, и ќе се наситиш со леб.

14 „Лошо, лошо”, зборува купувачот, а кога ќе си отиде се фали.

15 Има злато и многу бисери, но мудрите усни се најскапоцен накит.

16 Земи му ја облеката на оној кој емчи за друг; ограби го него место туѓинецот.

17 Сладок му е на човекот лебот на измамата, но после устата му се наполнува со песок.

18 Намерите се спроведуваат со совет; затоа размисли добро па води војна!

19 Кој клевети наоколу, открива тајни; затоа не се мешај со оној, кому усните секогаш му се отворени.

20 Кој ги проколнува татко си и мајка си, светилката му се гаси среде густа темнина.

21 Од почетокот набрзина придобиено наследство, на крајот не е благословено.

22 Не зборувај: „Ќе се одмаздам за злото”, остави Му на Господа и Тој ќе те избави.

23 Омразени Му се на Господа двојните тегови, и кривата мерка не чини.

24 Од Господа се човековите чекори, и како може човекот да го разбере својот пат?

25 Стапица е за човекот да рече непромислено: „Ова е свето”, а после да се предомисли што заветувал.

26 Мудриот цар умее да ги просејува нечесните, и ги става под тркала.

27 Човековиот дух е Господова светилка која ја испитува сета внатрешност на срцето.

28 Милоста и верноста го чуваат царот, зашто со милоста го зацврстува својот престол.

29 Убавината на младите е нивната сила, а седата коса е украс на старците.

30 Синилото од биење го очистува злото, а ударите внатрешноста на срцето.

поглавја

1 2 3 4 5 6 7 8 9 10 11 12 13 14 15 16 17 18 19 20 21 22 23 24 25 26 27 28 29 30 31